Унгарската полиција го уапси капетанот на крузерот
Капетанот е 64-годишен украински државјанин идентификуван како Ц.Јури од Одеса, а уапсен е поради немарност во управување во воден сообраќај што довело до масовна загуба на човечки животи, соопшти полицијата.
Унгарската служба за спасување претходно соопшти дека се мали шансите за пронаоѓање на уште преживеани после судирот на два брода во Дунав, во центарот на Будимпешта, во кој загинаа седум лица, а 21 се водат како исчезнати.
– Повеќе би рекол дека нема надеж, отколку дека има мали шанси за пронаоѓање преживеани, изјави за државната телевизија М1 портпаролот на Унгарската национална амбулантна служба Пал Ѓорфи.
Едно шестгодишно девојче е една од седумте туристи од Јужна Кореја кои загинаа во судирот на двата брода на Дунав во Будимпешта. На туристичкиот брод имало и двајца членови на екипаж од Унгарија.
Ниту еден од туристите на бродот не носел елек за спасување, соопшти јужнокорејското Министерство за надворешни работи.
Откако бил удрен од крузерот, бродот прво почнал да се полни со вода, а потоа се превртел и потонал за многу кусо време, додека во Будимпешта беснеела силна бура.
Локалните медиуми јавија дека остатоци од бродот Сирена се пронајдени во коритото на реката по неколку часа пребарување во близина на мостот Маргарет, еден од главните мостови кои ги поврзуваат двата дела на унгарскиот главен град.