Унгарија воведува нов данок за банките, телекомуникациите, продавниците…


Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави дека ќе воведе нов данок за компаниите, со цел да одговори на поскапувањата поврзано со војната во Украина и да ги финансира новите трошоци за одбрана.

Веста доаѓа по воведувањето на втората вонредна состојба поради руската инвазија на Украина, додека првата вонредна состојба – поврзана со пандемијата КОВИД-19 – истекува следната недела, пренесува Хина, повикувајќи се на АФП.

Во видеото објавено на Фејсбук, Орбан објаснува дека новиот данок се однесува на „банките, осигурителните компании, трговците на големо, малопродажните синџири и енергијата, телекомуникациите и авиокомпаниите“.

Парите одвоени на овој начин годинава и во 2023 година ќе се искористат за две работи – зајакнување на армијата и ограничување на цената на енергијата и водата.

Тој објасни дека руската агресија против Украина и „политиката на санкциите на Брисел против Москва“ доведоа до „раст на цените“, што заедно со зголемувањето на каматните стапки „донесува дополнителен приход на банките и мултинационалните компании“.