Унгарија: Украина не може да влезе во ЕУ пред земјите од Западен Балкан

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска го отфрли „огромниот притисок“ од Брисел да ѝ се даде на Украина приоритетен пристап во Европската унија (ЕУ), инсистирајќи дека Украина не може да стане членка пред земјите од Западен Балкан.
Зборувајќи на конференцијата со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Сијарто предупреди дека членството на Украина може да ја поткопа ЕУ економски и безбедносно. Тој ја отфрли идејата дека Украина е подобро подготвена за членство од земјите од Западен Балкан, нарекувајќи ги таквите тврдења „обична глупост“, пренесува Агенцијата Анадолу.
Сијарто истакна дека Унгарија останува еден од најсилните поборници за проширување на ЕУ со Западен Балкан, тврдејќи дека интеграцијата на регионот ќе ја зајакне стабилноста, кредибилитетот и иднината на Европската унија.
„Идниот кредибилитет на ЕУ зависи од тоа дали конечно можеме да го исполниме ветувањето за проширување до нашите најблиски соседи“, рече тој, истакнувајќи дека некои земји од Западен Балкан чекаат со децении и покрај исполнувањето на клучните услови.
Шест земји од Западен Балкан, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово, се во различни фази од процесот на пристапување во Европската унија.
Црна Гора и Србија во моментов се во официјални преговори. Албанија и Северна Македонија ги започнаа преговорите во 2022 година. Босна и Херцеговина доби кандидатски статус во 2022 година, но сè уште не ги отворила преговорите. Косово го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација, но се уште го чека кандидатскиот статус, пренесува Индекс.хр.
Сијарто ги посочи и двојните стандарди на ЕУ. Тој додаде дека некои земји-членки ги блокираат пристапните преговори на Северна Македонија и не се соочуваат со критики, за разлика од Унгарија, која се соочува со критики кога, како што рече, ги брани правата на етничките Унгарци во украинскиот регион Закарпатија.
Инаку, во соопштението на македонското МНРНТ, фокусот се става на средбата на министерот Тимчо Муцунски со неговиот унгарски колега Сијарто, и, на негова покана, се обрати пред членовите на Дипломатскиот совет на Унгарија.
На средбата со министерот Сијарто, министерот Муцунски упатил искрена благодарност за поддршката и прифаќањето на македонските пациенти повредени во несреќата во Кочани, нагласувајќи дека оваа конкретна помош е дел од продлабоченото пријателство и соработка помеѓу двете земји, градено интензивно во изминатите девет месеци.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски ја посетил и болницата во Будимпешта каде што се згрижени шест македонски пациенти. Се сретнал со нивните семејства и со медицинскиот персонал, од кои добил информации за состојбата на пациентите и упатил благодарност за грижата, професионалноста и човечноста со која унгарските лекари се вложуваат во нивното лекување. Притоа истакнал дека поддршката се однесува не само на пациентите, туку и на нивните најблиски, кои добиваат логистичка поддршка преку дипломатско-конзуларната мрежа.
Министерот и неговиот домаќин разговарале и за унапредување на економската соработка, со акцент на инвестициите, енергетиката и трговската размена, како и за актуелната регионална динамика, стабилноста, безбедносните предизвици и континуираната поддршка од Унгарија за македонските евроинтеграции.