Унгарија и Хрватска меѓусебно се обвинуваат за воено профитерство

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска одговори на коментарот на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој во контекст на енергетската соработка, ја обвини Хрватска дека се однесува како воен профитер.
– Со огорченост ја отфрлам лажната теза дека Хрватска е воен профитер. Напротив, Хрватска е добар и чесен сосед, наведе Пленковиќ.
Тој истакна дека Хрватска, со своите капацитети, е регионален енергетски центар.
– Наша задача, по бруталната руска агресија, е да придонесеме за енергетската безбедност на ЕУ, на нашата и на другите земји-членки. Поточно, станува збор за реченицата на министерот што се однесува на Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ). Капацитетите се такви, што по тестирањето, можеме да кажеме дека ЈАНАФ е во состојба да транспортира 15 милиони тони нафта до Унгарија и до Словачка, наведе Пленковиќ.
Тој додаде дека по меѓународниот притисок да не се купуваат руски нафтени производи, Унгарија и Словачка имаат безбеден и алтернативен пат преку ЈАНАФ.
– Алузијата дека Хрватска е воен профитер може да ја направи само некој што е крајно груб и сака да ги заведе меѓународните слушатели. Прво, профитер може да се нарече некој што моментално добива поевтина руска нафта и гас. Тоа не е Хрватска, која воопшто не ги користи од 2022 година. Потоа можам да кажам дека Унгарија е таа што е во позиција да има поевтини извори на енергија. Профитерот е Унгарија, а не Хрватска, посочи Пленковиќ.
Сијарто во вчерашниот говорот пред Генералното собрание на ОН ја обвини Хрватска за воено профитерство истакнувајќи оти „Владата на Унгарија нема да дозволи нивната алчност за профит да ги поништи резултатите од намалувањето на режиските трошоци“.
Тој изрази и сомнеж во техничките капацитети на ЈАНАФ за долгорочна испорака.
– Минатата недела, на 17 септември, беше спроведен и тест, кој докажа дека Јадранскиот нафтовод едноставно не е способен да транспортира големи количини нафта на долг рок, без прекин, под висок притисок, посочи Сијарто, додавајќи дека би било „исклучително опасно, ризично и неодговорно снабдувањето на Унгарија да се базира на тоа“.
Тој повтори дека Хрватска го користи фактот дека Унгарија зависи од ЈАНАФ, со оглед дека нема пристап до море и до други патишта за снабдување.
Сијарто истакна дека истото важи и за Словачка, која со нафта и гас, покрај ЈАНАФ, добива и преку рускиот цевковод „Дружба“.
– За жал, мора да се каже дека Хрватите нè искористуваат. Хрватите заработуваат пари од воената ситуација. А сега ни наплаќаат воена такса, бидејќи Хрватите од почетокот на војната петпати ја зголемија таксата за транзит преку нафтоводот во споредба со европските стандарди од почетокот на војната. Значи, Хрватите ја користат војната и фактот дека на Унгарија во одредени ситуации ѝ е потребна нафтата што доаѓа преку Јадранскиот нафтовод, па ни наплаќаат воена доплата, наведе Сијарто.