Умре болен од цистична фиброза, не го дочека долговетуваниот лек
Благојче Илиевски, eден од пациентите со цистична фиброза во државава денеска почина, информира Асоцијацијата за цистична фиброза.
-Згасна еден живот- згасна еден свет! Асоцијацијата за цистична фиброза со преголема тага и скршеност известува дека денеска изгуби еден свој соборец, кој до последен здив веруваше дека ќе ја дочека новата терапија со Трикафта, надеж која заедно со него ја крепевме со последните атоми, стотина пациенти во државата, главно деца и млади со ЦФ, објавија од Асоцијацијата на Фејсбук.
Илиевски речиси две години добиваше уверувања дека ќе го добие скапиот лек за цистична фиброза, но ја изгуби битката со болеста. Тој беше дел од осумте критични пациенти за кои се бараше лекот итно да им се набави. Со кислородна боца Благојче бараше поддршка и од претседателот на државата, Стево Пендаровски. Но, и покрај сите напори, не дочека да добие терапија со лекот „трикафта“.