Украинските сили потопија голем руски десантен брод во Црното Море (Видео)

„Цезар Куников“ бил погоден од три поморски дронови. Русија веќе загуби 20 бродови од нејзината Црноморска флота


„Цезар Куников“ пловел по јужниот раб на Крим кога бил погоден од украинските поморски дронови

 

Украинската војска во средата соопшти дека потопила голем руски десантен брод во Црното Море користејќи поморски дронови, извештај што не е потврден од руските власти.

Амфибискиот брод „Цезар Куников“ потона во близина на Алупка, град на јужниот раб на Кримскиот Полуостров што Москва го анектираше во 2014 година, соопшти Генералштабот на Украина. Се вели дека бродот може да превезува 87 членови на екипажот.

Потопувањето на бродот би било уште еден срамен удар за руската црноморска флота и значаен успех за Украина 10 дена пред втората годишнина од целосната инвазија на Русија на 24 февруари 2022 година.

Украина се префрли на дефанзива во војната, попречена од ниските резерви на муниција и недостигот на персонал, но ги продолжи нападите зад главно статичната линија на фронтот од 1.500 километри.

Тоа е втор пат во последните две недели украинските сили да кажат дека потопиле руски брод во Црното Море. Минатата недела тие објавија видео на кое рекоа дека покажува поморски дронови како ја напаѓаат руската ракетно вооружена корвета „Ивановец“.

Украинското воено разузнавање, познато по украинскиот акроним ГУР, соопшти дека нејзината единица за специјални операции „Група 13“ го потопила „Цезар Куников“ со помош на морските беспилотни летала „Магура В5“ во средата. Експлозиите го оштетиле бродот на неговата лева страна, се вели во соопштението, иако на тешко монтираната видео снимка што ја објави не е јасно. Според официјални лица, истата единица извшувала и претходно напади.

Приватната разузнавачка фирма „Амбри“ рече дека видеото покажало дека најмалку три беспилотни летала го извршиле нападот и дека бродот најверојатно потонал откако се наведанал.

„Цезар Куников“ веројатно бил дел од руската флота што ги придружувала трговските бродови што пристигнуваат до пристаништата на Крим, рече „Амбри“.

Украинските напади врз руски авиони и бродови во Црното Море помогнаа да се повлечат московските поморски сили од брегот, дозволувајќи му на Киев да го зголеми клучниот извоз на жито и други стоки преку неговите јужни пристаништа.

Новата генерација на системи за оружје без екипаж стана централен дел на војната, и на море и на копно.

Дронот „Магура В5“, кој изгледа како елегантен црн глисер, беше претставен минатата година. Наводно, има максимална брзина од 42 јазли (80 км на час) и носивост од 320 килограми.

Руската војска веднаш не го коментираше наводното потонување, велејќи само дека соборила шест украински беспилотни летала над Црното Море во текот на ноќта.

Ударот на бродот го потврди и телеграмскиот канал „Рибар“ близок до руското министерство за одбрана. Според него, бродот бил погоден од чамци без екипаж, а координацијата и насоките „биле извршени од беспилотни извидувачки авиони на НАТО“. Друг провоен телеграмски канал, „Двајца мајори“, пишува дека екипажот на „Цезар Куников“ преживеал. Нема информации за природата и степенот на штетата на бродот. „Цезар Куников“ е еден од седумте големи десантни бродови кои биле дел од руската Црноморска флота пред почетокот на војната во Украина. Првиот пат беше нападнат од страна на украинските вооружени сили во пристаништето Бердјанск, кое беше под ракетен оган еден месец по целосната инвазија на Украина. Тогаш бродот беше оштетен, но беше обновен.

Пред инвазијата на Украина, Русија формираше поморска група од 13 големи десантни бродови во Црното Море. Покрај седумте бродови на Црноморската флота, во него беа вклучени и големите десантни бродови на северната и балтичката флота. До денес, украинските вооружени сили онеспособиле пет такви бродови.

Севкупно, во текот на две години војна, Русија загуби повеќе од 20 бродови, вклучително и десантни бродови, подморници и водечкиот крстосувач „Москва“, според пресметките на „Орикс“ врз основа на отворени податоци. Пред инвазијата на Украина, руската флота во Црното Море се состоеше од повеќе од 70 бродови.

„Одвреме-навреме, Црноморската флота излегува дека е неспособна и не може да ги одбие нападите од украинските формации. … Во овој момент сакам само да кажам: ‘Време е да се сменат пристапите’. Која е поентата?“, се жали „Рибар“.

Изграден во Полска и пуштен во 1986 година, „Цезар Куников“ стана познат по учеството во руско-грузиската војна во 2008 година. Тој служеше како предводник на руските бродови што беа вклучени во оваа операција.

„Цезар Куников“, за кого беше именуван рускиот брод, беше херој на Советскиот Сојуз од Втората светска војна поради неговите подвизи и почина на 14 февруари, истиот ден кога беше нападот со украинско беспилотно летало, во 1943 година.

Во други случувања, девет украински цивили беа убиени, а најмалку 25 лица беа ранети од руско гранатирање во претходните 24 часа, соопштија од кабинетот на претседателот во средата. (Според агенциите)