Украинскиот министер за внатрешни работи загина во хеликоптерска несреќа (видео)

Загинаа 16 лица, меѓу кои има и три деца, бидејќи хеликоптерот паднал во близина на детска градинкa. Во него имало девет лица


 

16 лица загинаа во хеликоптерска несреќа во градот Бровари, Киевската област, меѓу кои и министерот за внатрешни работи Денис Монастирски. Уште 29 лица се повредени, изјави шефот на регионалната администрација Алексеј Кулеба. Меѓу загинатите има три деца, а 15 други се повредени. Во хеликоптерот имало девет лица и сите се мртви, соопшти полицијата. Меѓу другите  загинати и повредени има вработени и деца од градинката каде се урна хеликоптерот, но и локални жители кои ги носеле децата во градинката.

Хеликоптер на државната служба за вонредни состојби на Украина се урна на 18 јануари околу 08,10 часот, изјави шефот на Бровари, Игор Сапошко. Се претпоставува дека за време на магла хеликоптер „АС 332 Супер Пума“ паднал меѓу градинка и станбена зграда, по што настанал пожар. „Просториите на градинката и една од блиските куќи беа уништени од силна експлозија“, рече началникот на градот. Децата и вработените се евакуирани од градинката.

Во несреќата загинаа и првиот заменик-министер за внатрешни работи Евгениј Јенин и државниот секретар на Министерството за внатрешни работи Јуриј Лубкович, кои биле во хеликоптерот. Највисокото раководство на Министерството за внатрешни работи полета со хеликоптер на службено патување на една од „жешките“ точки, изјави Кирил Тимошенко, заменик-шеф на кабинетот на претседателот на Украина.

Што ја предизвикало несреќата сѐ уште не е познато. Министерството за внатрешни работи на Украина, како и воздухопловните сили на вооружените сили на Украина, соопштија дека е премногу рано да се зборува за причините за падот. Генералниот обвинител на Украина Андриј Костин изјави дека истрагата ги разгледува „сите можни верзии за хеликоптерската несреќа“. Во исто време, советникот на министерот за внатрешни работи на Украина Антон Герашенко наведе верзии како саботажа, дефект на леталото, прекршување на правилата за безбедност на летот. Украинските медиуми тврдат и дека меѓу можните верзии е и грешка на пилотот. „Трибуна-Бровари“ објави дека хеликоптерот се урнал за време на магла: се претпоставува дека пилотот не ја видел високата зграда, почнал да се качува и изгубил контрола. Предистражната истрага ја води Службата за безбедност на Украина. Канцеларијата на Зеленски ги повика очевидците на несреќата да контактираат со полицијата.

Володимер Зеленски ја опиша хеликоптерската несреќа утринава во Бровари како „страшна трагедија“ и „црно утро“.

Пишувајќи на Телеграм, претседателот на Украина рече: „Денес се случи страшна трагедија во Бровари, регионот Киев. Се урна хеликоптер на државната служба за итни случаи, а на местото на несреќата избувна пожар.

Во моментов се утврдува точниот број на жртвите на трагедијата. Меѓу нив се министерот за внатрешни работи на Украина Денис Монастирски, неговиот прв заменик Евхен Јенин, државниот секретар на Министерството за внатрешни работи Јуриј Лубкович, нивните помошници и екипажот на хеликоптерот.

Повредени се 25 лица, меѓу кои десет деца. До овој момент загинаа три деца. Болката е неискажлива. Хеликоптерот паднал на територијата на една од градинките. Нека почиваат во мир сите оние чии животи беа одземени ова црно утро“.