Украинците со американските лансери ХИМАРС ги напаѓаат руските трупи зад линијата на фронтот

Украинците погодија повеќе депоа за муниција. Има многу руски жртви, а убиен е уште еден генерал. Загриженост во Москва поради ефикасноста на нападите


Огнена топка во руското депо за муниција по нападот со ракетите ХИМАРС

Украина уништи руско складиште за муниција користејќи ракети ХИМАРС донирани од САД, а депото се претвори во огромна огнена топка, што е најнов удар за воената кампања на Кремљ.

Најмалку седум лица загинаа во смртоносните напади, вклучително и началникот на генералштабот на 22. армиски корпус на вооружените сили на Руската Федерација, генерал-мајор Артем Насбулин. Драматичната снимка покажува ерупција на огнена топка и огромен облак во Нова Каховка во окупираната област Керсон, откако ракетите експлодирале во складиштето каде што се чува шалитра и експлозиви.

Русија ги призна нападите, а Владимир Леонтиев, назначен од воено-цивилната администрација на окупаторските сили, рече дека биле извршени со ракети ХИМАРС, при што има десетици повредени. Ударите се во регионот каде Русија им дели пасоши на локалното население и се обидува да го вклучи регионот под постојана контрола на Кремљ, а Украина вети дека ќе го врати.

На снимката објавена од Украина, артилериските ракети системи за висока мобилност донирани од САД – кои можат да погодат цели до 70 километри – може да се видат како удираат во близина на електраната Нова Каховка. Пред да пристигне лесниот повеќекратен ракетен фрлач, јужниот град Керсон, окупиран од Русија, беше надвор од дострелот на украинските сили. Тој беше искористен и во претходниот напад во близина на Керсон, за кој се вели дека биле убиени 12 руски офицери, вклучително и еден полковник.

По овие напади провладините руски луѓе изразија ретка јавна загриженост за серијата успешни напади врз руски цели далеку зад фронтот.

Изгледа дека артилериските ракетни системи ХИМАРС, кои САД почнаа да ги испраќаат во Украина минатиот месец, се најефективни во оштетувањето на руските воени позиции.

Русија претрпе „големи загуби и во луѓе и во опрема“ за помалку од една недела, според Игор Гиркин, поранешен командант на сепаратистичките сили во источна Украина.

„Руските системи за воздушна одбрана… се покажаа како неефикасни против масовните напади на ракетите ХИМАРС“, напиша Гиркин, кој исто така се нарекува Стрелков, на апликацијата за пораки Телеграм во неделата.

Александар Сладков, истакнат воен дописник за државната телевизија Росија 1, во понеделникот рече дека Украина успешно ги нападнала руските командни центри.

„Украинските проектили и артилерија неколку пати ги погодија центрите за одлучување. Со резултати. Центрите се мали, но важни“, рече Сладков на Телеграм.

Извештаите од властите во областите окупирани од сепаратистите и Русија во Украина, исто така, укажуваат дека нападите стануваат и почести и посмртоносни.

Официјални лица на самопрогласената Народна Република Доњецк во понеделникот соопштија дека најмалку три лица загинале, а десетици се повредени во селото Степано-Кринка по нападот на украинскиот ХИМАРС.

лансерите за ракети ХИМАРС се многу подвижни

Украинските сили, исто така, употребија ХИМАРС за да го погодат градот Алчевск и селото Ирмино во текот на викендот, според сепаратистичките власти. И Степано-Кринка и Алчевск се десетици километри зад линијата на фронтот.

Во објавата на Телеграм придружена со видеа од големи пожари, новинарот на руската државна телевизија Андреј Руденко во неделата рече дека украинската страна „најверојатно“ користела ХИМАРС за да ги погоди депоата за муниција во градовите Шахтарск и Торез.

„Силни пожари и експлозии… Ситуацијата е ужасна“, напиша Руденко.

Украинската војска изведе 14 напади врз руски депоа за муниција и воени бази на територијата окупирана од Русија во последните две недели, објави во понеделникот украинскиот сервис на Би-Би-Си. Иако не е јасно дали ХИМАРС биле користени во сите случаи, Би-Би-Си украински соопшти дека точноста на ударите покажува дека тие се одговорни.

„Во последните 5-6 дена беа погодени повеќе од 10 големи депоа за артилериска и друга муниција, неколку складишта за нафта, околу 10 командни центри и исто толку места за собирање војници“, рече поранешниот командант на бунтовниците Гиркин.

Руското Министерство за одбрана во понеделникот тврдеше дека користело крстосувачки ракети „Калибр“ за уништување на украински складишта за муниција во регионот Дњепропетровск, во кои имало ракети за ХИМАРС, иако тврдењето не може да се потврди независно.

Русија минатата недела соопшти дека уништила два ракетни системи и складишта за муниција ХИМАРС во источна Украина, но и украинските и американските власти ги отфрлија овие тврдења.

ХИМАРС може да погодат цели на далечина од 70 километри

Вашингтон минатата недела објави нов пакет оружје за Украина во вредност до 400 милиони долари, кој вклучува четири дополнителни лансери ХИМАРС. Со новите бројот на лансирните системи ХИМАРС се зголеми на 12.

Еден извештај тврди дека Путин е толку бесен што бара жртвени јарци и се свртува кон своите соработници поради неуспехот на познатиот ракетен одбранбен систем „С-400“ ефикасно да функционира во војната.

Поранешниот премиер Михаил Фрадков, кој сега го предводи одборот на производителот на оружје „Алмаз-Антеј“, може да биде отпуштен, па дури и да се соочи со кривично дело поради неуспесите, според каналот на Телеграм Sanctions RF.

Истото може да му се случи и на генералниот директор на државната компанија за оружје Јан Новиков, се вели во извештајот.

„Промените започнаа во руското Министерство за одбрана поради фактот што ‘С-400’ не може соодветно да го заштити воздушниот простор и не е ни способен да се заштити самиот [од нападите на ХИМАРС]“, се вели во извештајот.

Техничките карактеристики на водечкиот систем за противвоздушна одбрана беа многупати преценети, а парите наменети за развој на „С-400“ беа успешно украдени.

„Измамата се појави неодамна, кога ‘С-400’ не успеаја да соборат ниту една ракета ХИМАРС ниту во Донбас ниту во регионите Запорожје и Керсон. Не само тоа – за време на нападот на воената база во Иловаиск, проектилите ХИМАРС го уништија комплексот ‘С-400’, кој требаше да ја заштити областа од воздушни напади“, се вели во извештајот.

Британската војска во вторникот соопшти дека Русија продолжува да остварува „мали, постепени придобивки“ во Донецк, каде тешките борби го наведоа гувернерот на покраината минатата недела да ги повика 350.000 преостанати жители да се преселат на побезбедни места во западна Украина.

Сепак, многумина во Донбас, плоден индустриски регион во источна Украина составен од провинциите Донецк и Луганск, одбиваат – или не се во можност – да побегнат, и покрај тоа што голем број цивили се убиени и ранети секоја недела.

Бројот на загинатите во рускиот ракетен напад што во саботата погоди станбена зграда во провинцијата Донецк се искачи на 34. Шефот на регионалната воена управа на Донецк, Павло Кириленко, го објави ова на социјалните мрежи, велејќи дека девет повредени лица се спасени од зградата во Часив Јар.

Во Харков, вториот по големина град во Украина, и неговиот околен регион, руските напади погодија станбени згради, убивајќи четворица цивили, а се ранети девет, соопштија украинските власти.

„Русите продолжуваат со својата тактика на заплашување на мирното население во регионот Харков“, напиша гувернерот на Харков, Олех Синиехубов во вторникот на Телеграм. (Според агенциите)