Украина прати 500 тони пченично брашно во Сирија како помош
Украина испрати 500 тони пченично брашно во Сирија како дел од својата хуманитарна програма „Зрно од Украина“, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски на Х на 27 декември.
„Како што ветивме, ние го поддржуваме сирискиот народ во неговото време на потреба“, напиша Зеленски. „500 тони украинско пченично брашно веќе се на пат за Сирија како дел од нашата хуманитарна програма „Зрно од Украина“ во соработка со WFP.
Пченичното брашно ќе биде дистрибуирано до 33.250 семејства – приближно 167.000 луѓе – во текот на следните недели. Секое пакување од 15 килограми може да прехрани петчлено семејство еден месец, според Зеленски.
Украинскиот претседател изрази надеж за закрепнување на Сирија, велејќи: „Им посакуваме на Сирија и нејзиниот народ безбедност, стабилност и закрепнување. Ја знаеме вистинската вредност на овие работи“. Претходно, Зеленкси објави дека Украина е подготвена да и помогне на Сирија во стабилизирање и обнова по падот на режимот на Башар ал Асад.
По падот на режимот на Асад, Сирија продолжува да се бори со тешка криза со храна. Според Светската програма за храна, над 12 милиони Сиријци – повеќе од половина од населението – моментално немаат доволно храна, а 2,9 милиони се изложени на ризик од глад.