Украина ќе ја чува „Коалиција на подготвени“
Лидерите во Лондон се договорија да се задржи воената помош во Украина додека трае војната и да се зголеми економскиот притисок врз Русија

Британскиот премиер Кир Стармер одржа прес конференција на која зборуваше за детали од состанокот меѓу европските лидери и Володомир Зеленски поладнево во Лондон. Стармер вели дека секој нов договор за поддршка на Украина мора да биде поддржан и дека секоја нација мора да придонесе на најдобар начин , со преземање одговорност и засилување на сопствениот удел.
Стармер рече дека лидерите на самитот договориле четири важни чекори:
-Да се задржи воената помош во Украина додека трае војната и да се зголеми економскиот притисок врз Русија.
-Секој траен мир мора да го обезбеди суверенитетот и безбедноста на Украина, а Украина мора да биде на маса за какви било мировни преговори.
-Во случај на мировен договор, европските лидери ќе имаат за цел да спречат каква било идна инвазија на Русија во Украина.
-Ќе има „коалиција на подготвени“ да ја брани Украина и да гарантира мир во земјата.
Стармер во одговор на новинарско прашање го отфрли тврдењето дека САД станле несигурен сојузник.
„Не прифаќам дека САД како несигурен сојузник, нема две земји толку блиску усогласени како нашите две земји“, рече тој.Додаде дека „ова е план кон кој работиме со САД и со поддршка од САД. Затоа разговарав со Трамп синоќа“.
Стармер вели дека на денешниот самит лидерите се согласиле наскоро повторно да се сретнат со цел „да го задржат темпото зад овие акции“ и да продолжат да работат кон заеднички план. „Денес сме на крстопат во историјата“, вели тој.
„Ова не е момент за повеќе разговори – време е да се дејствува и да се обединиме околу нов план за праведен и траен мир“.
Стармер вели дека оние што сакаат ќе го интензивираат планирањето сега, со вистинска итност, пред да ја потврдат посветеноста на Обединетото Кралство да го поддржи ова со „чизми на земја и авиони во воздух“.
„Европа мора да го понесе тешкиот товар“, вели тој. „Но, на договорот му е потребна американска поддршка“, рече тој. „Дозволете ми да разјаснам, се согласуваме со Трамп за итната потреба од траен мир. Сега треба заедно да испорачаме“.
Тој исто така оцени дека Русија „не може да диктира услови за мировен договор“.
„Она што го видовме во минатото е прекин на воените дејствија без никаква поддршка и тоа беше редовно прекршено од Русија. Тоа е ситуација што треба да ја избегнеме“.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече „итно треба да ја вооружиме Европа“ – и таа рече дека ќе претстави „сеопфатен план“ за тоа на состанокот на европските лидери идниот четврток. Таа додаде: „Во основа се работи за претворање на Украина во челична тврдина која е несварлива за потенцијалните напаѓачи“.
Канадскиот премиер Џастин Трудо исто така се обрати на јавноста од Лондон по учеството на самитот за Украина организиран од британскиот премиер Кир Стармер.
„Важно е Канада да е тука со нашите сојузници додека разговараме за одбраната на Украина“, рече Трудо, истакнувајќи дека „секој има важна улога“ во овој заеднички напор.
На прашањето за улогата на Канада во најавената коалиција на подготвените, Трудо нагласи дека Канада „од самиот почеток е меѓу најсилните поддржувачи на Украина“, потсетувајќи дека повеќе од една деценија спроведува програми за обука на украинските одбранбени сили.
„Канада ќе продолжи да игра значајна улога“, рече Трудо, додавајќи:„Ќе стоиме покрај Украина онолку колку што е потребно, со се што е потребно“.
Тој со тоа потврди дека Канада активно ќе се вклучи во понатамошната одбрана на Украина преку воена помош, обука и соработка како дел од заедничките сојузнички напори.
„Украина не само што ја брани својата територија, туку ги брани и самите принципи и вредности кои се во основата на сите наши демократии“.
Тој нагласува дека Канада „ќе продолжи да биде таму“ за Украина. Но, дали ќе има канадски војници на теренот? „Сите карти се на маса“, рече Трудо.
На прашањето за третманот на Зеленски во Белата куќа од Трамп и Венс, Трудо избегна да ги критикува американските челници, но потенцираше дека Путин е „лажго и криминалец на кој не може да му се верува“ и оти Зеленски и Украина имаат полно право да ги искажат своите ставови.