Украина го запре транзитот на руска нафта за Унгарија, Чешка и Словачка
Руската државна компанија „Транснефт“ соопшти дека Украина од 4 август го стопирала преносот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“ кон Унгарија, Чешка и Словачка. Според прес-секретарот на компанијата, причината е што руската страна не може да го плати транзитот поради санкциите наметнати од Европа.
Претходно денеска Блумберг напиша дека со денови нема нови испораки во земјите. Изданието 444.hu забележува дека за Будимпешта ова би можело да биде голем проблем со оглед на ниските цени што ги одржува компанијата МОЛ благодарение на руската нафта – ако се намали овој проток, мерката тешко дека ќе трае. Во Словачка, пак, министерот за енергетика Ричард Сулик практично потврди дека неговата земја повеќе не добива руска нафта, за HN Online: „Ја решаваме ситуацијата, но тоа е многу нејасно. Ќе коментираме најрано утре“.
Газпромбанк, која се занимава со плаќањата, го известила Транснефт дека средствата не пристигнале поради седмиот пакет санкции, изјави Игор Демин, прес-секретар и советник на претседателот на Транснефт.
Нафтоводот „Дружба“ минува низ Белорусија и оттаму се разгранува на север (кон Полска и Германија) и на југ. Транзит во моментов не се врши на југ – кракот што ја минува границата на Белорусија со Украина. По оваа рута, трите земји добиваат 250.000 барели дневно. Исклучок беше направен за испораките на Дружба во трите земји, кога Европската унија во мај одобри делумно ембарго за увоз на руска нафта. Сепак, Транснефт е под санкции од март како дел од четвртиот пакет мерки поради војната во Украина. Газпромбанк не потпадна под опфатот на санкциите.
Во декември 2019 година, Транснефт го продолжи договорот за трансфер на нафта со Украина до 1 јануари 2030 година.