Украден печат од психијатриска клиника во Србија – колку лажни рецепти ќе направат?


Провалена е психијатриската амбуланта на д-р Амир Кајкуш по медицина на трудот во Нови Пазар, а од неа непознати сторители го украле печатот, јавуваат српските медиуми.

Бидејќи врз основа на овој печат можни се бројни злоупотреби со лекови кои можат да се земаат само со одобрение и адекватен рецепт на лекар специјалист, д-р Кајкуш ги предупреди сите аптеки од можна злоупотреба.

„Ограбена психијатриската амбуланта во Медицина на трудот. Ми го украдоа печатот и би ги замолил аптеките да не издаваат лекови препишани на син рецепт дури и кога тоа не ми е напишано со ракопис. Исто така, да го известат МУП кога ќе добијат таков рецепт“, напиша на својот официјален Инстаграм профил, д-р Кајкуш.

Дека состојбата со употреба на опијати, седативи, антидепресиви и кај нас е на високо ниво, покажува вчерашниот пост на Фејсбук на д-р Ненад Лазаров, кој објави дека само вчера, биле издадени близу 17.000 рецепти за седативот „диазепам“.

„За крај на денот 16.900 кутии Диазепам.
Лани на ист датум 15.700.
Не е изненадување плус кутии, тажно е што старее популација во токсично општество а ние во немоќ не ја менуваме медицината, само на политичарите им одговара“, напиша Лазаров.