УКИМ ги додели наградите на најдобрите научници и уметник за 2022 година

Пет професори на Скопскиот универзитет во областа на науката и еден во областа на уметностите денеска ги добија годишните награди за врвни резултати во научно-истражувачката односно во уметничката дејност во календарската 2022 година, по повод 10 Ноември – Светскиот ден на науката за мир и развој.
Во категоријата најдобар научник, наградени се: д-р Петре Макрески, редовен професор на Природно-математичкиот факултет; д-р Владимир Ѓоргиевски, доцент на Факултетот за електротехника и информациски технологии; д-р Никола Гешковски, вонреден професор на Фармацевтскиот факултет, д-р Виктор Стојкоски, асистент на Економскиот факултет и д-р Силвана Симовска, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Во категоријата уметник, награден е м-р Дино Имери, редовен професор на Факултетот за музичка уметност.
Наградите им ги врачи ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова која, цитирајќи ја двократната нобеловка Мари Склодовска-Кири, рече: „Мора да веруваме дека сме надарени за нешто и дека тоа нешто мора да се трудиме да го постигнеме“.
Во име на наградените се заблагодари д-р Макрески кој истакна дека сите вработени на УКИМ треба континуирано да работат и творат и со тоа да придонесат во засилување на реномето на најстариот, најголем, највлијателен и научен стожер УКИМ, за да биде, како што рече, барем меѓу најдобрите илјада светски универзитети.
-Се гордееме што преку овие резултати придонесуваме за поголема видливост и препознатливост на УКИМ, а веруваме дека оваа награда во иднина ќе биде сведок за уште поголеми научни достигнувања од наши колеги. Само на таков начин, преку прогрес, ќе може да се развива УКИМ, истакна Макрески.
Светскиот ден на науката за мир и развој – 10 Ноември е прогласен од УНЕСКО во 2001 година. Тема на глобалното одбележување оваа година е „Доверба во науката“. УКИМ го одбележа денот и со дебата на тема „Науката на УКИМ во функција на подобро општество“.