Угостителите, маркетите, гранапчињата мора да имаат свои контејнери


Фото: Б. Грданоски

Отсега сите угостителски објекти, ресторани, локали, барови, канцеларии и пазари, како и оние што вршат дејност трговија на големо и мало, ќе бидат должни да склучат договор за собирање и транспортирање на отпадот со ЈП „Комунална хигиена“. Субјектите, пак, ќе бидат должни претходно да вршат селекција на отпадот на местото на негово создавање, во посебни садови, различни од оние наменети за домаќинствата, пишува „Вечер прес“.

ЈП „Комунална хигиена“ е должно да ги постави садовите за собирање на сметот на места утврдени со решение за определување собирни места за поставување садови за собирање и селектирање отпад, кое го носи градоначалникот на Град Скопје.

Ова се налага во предлог-одлуката за изменување и дополнување на одлуката за комунален ред во градот Скопје, која е на дневен ред на седницата на Советот на Град Скопје што е закажана за вторник.

За непочитување на одредбите од оваа одлука, овластен инспектор од Град Скопје ќе изрече глоба согласно со позитивните законски прописи.

– Постојната одлука за комунален ред не содржи одредби за оваа комунална дејност, па од таа причина се наметнува потребата за нејзино изменување и дополнување. Со предложените одредби се утврдува единствен овластен субјект за собирање и транспортирање на комуналниот комерцијален отпад на подрачјето на градот Скопје, а тоа е ЈП „Комунална хигиена“, основано од Град Скопје – се наведува во образложението на предлог-одлуката.

Инаку, освен оваа одлука, за справување со сметот, градските власти претходно, на 15 февруари годинава, донесоа и друга, со која се забранува фрлање комунален отпад во контејнерите во периодот од 22:00 часот до 6:00 часот, а за непочитување следува парична казна од 50 евра. Според нивното образложение, целта на одлуката е да се воведе правна рамка со која ќе му се помогне на ЈП „Комунална хигиена“ при собирањето на сметот. Рекоа дека мерката со која се дозволува фрлање отпад од 6:00 до 22:00 часот, можеби, не е идеална, но дека нејзиното спроведување ќе биде следено преку комуналното претпријатие и инспекциските служби, а ако се покаже како несоодветна, ќе биде коригирана.

Забраната за фрлање отпад во ноќните часови, која ја донесе Град Скопје набрзо по започнувањето на мандатот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, важи еднакво за сите, и за граѓаните и за правните субјекти. Исклучок се правните лица што ќе склучат договори со јавното комунално претпријатие.

Во однос на угостителските објекти, и тие се опфатени со забраната, освен во случаите кога имаат склучено посебен договор со ЈП „Комунална хигиена“ и располагаат со сопствени контејнери. Во тие случаи важат правилата утврдени во нивниот договор, во согласност со динамиката и условите што се договорени однапред, објаснија од Град Скопје.

Идејата беше со забраната да се воведе ред, да се намали ноќното полнење контејнери и да нема фрлање кабаст отпад околу нив и воопшто, да се елиминираат практиките што го правеа градот нечист со години.

Од ЈП „Комунална хигиена“ информираа дека на 19.11.2025 година оствариле работна средба со претставниците на угостителските објекти во градот Скопје, во чии рамки од страна на в.д. директорот на претпријатието, Драги Митковски, им било укажано дека контејнерите поставени на јавни површини се наменети исклучиво за фрлање мешан комунален отпад од домаќинствата во колективните домувања.

– Од овие причини е потребно секој угостителски објект да потпише договор согласно со кој ќе го става својот отпад во посебен сад, а не во контејнерите поставени на јавни површини – објаснија од претпријатието.

Притоа, додадоа дека набрзо по одржувањето на оваа средба, на претставниците на угостителските објекти им биле доставени нов правилник и ценовник за собирање и транспорт на комуналниот отпад, но до денес претпријатието нема добиено барање за потпишување нов договор со некој од овие субјекти.

– Се надеваме дека по стапувањето на сила на изменетата и дополнета одлука за комунален ред во градот Скопје, посочените правни субјекти ќе потпишат договори за собирање и транспорт на комуналниот отпад со претпријатието и ќе почнат да го фрлаат својот отпад во посебни садови – потенцираат од ЈП „Комунална хигиена“.

Оттаму велат дека немаат ингеренции да ги казнуваат лицата и правните субјекти што се затечени при непрописно фрлање отпад и оти во претпријатието функционира само екопатрола, која има обврска да им врачи на овие лица/субјекти едукативно-информативен записник за правилно фрлање на отпадот.