УЕФА засега останува на планот за ЕП во 12 држави


Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), засега, не разгледува алтернативи на планот за организација на претстојното Европско првенство ширум стариот континент, и покрај неповолната епидемиолошка состојба поврзана со коронавирусот.

-Што се однесува до Европското првенство, што е закажано од 11 јуни до 11 јули во 12 градови и 12 држави, ништо се нема променето, соопшти попладнево УЕФА, откако пандемијата од почетокот на годинава го наруши распоредот во многу спортови, вклучувајќи ги скијањето, тенисот и Формула 1,

Претходно, претседателот на Швајцарската фудбалска федерација Доминик Бланк изрази резервираност во врска со планот на УЕФА, оценувајќи дека организација на Европското првенство во таков формат е „тешко изводливо сценарио во услови на постојните рестрикции за патувања“.

Тој се заложи завршницата да се одржи во една држава, споменувајќи ги Русија или Германија, или во краен случај, дури и во само еден град.