УЕФА воведува голема промена во квалификациите за ЕП. Еве што се менува


Англија, Ирска, Шкотска и Велс, домаќините на Европското првенство во фудбал во 2028 година, ќе учествуваат во квалификациите за натпреварувањето, а за нив ќе бидат резервирани само две места доколку не се квалификуваат за турнирот, објави во среда УЕФА, управното тело на европскиот фудбал.

Одлуката ја донесе Извршниот комитет на УЕФА, кој се состана во Билбао пред финалето на Лигата на Европа, кое ќе се игра во среда. Четирите домаќини ќе бидат извлечени во посебни групи, при што 12-те победници на групите и осумте најдобри второпласирани (20 екипи) ќе се пласираат директно на финалниот турнир.

„Две места на завршниот турнир ќе бидат резервирани за двете најдобро рангирани екипи домаќини кои не се квалификуваа како победници во групата или најдобри второпласирани по завршувањето на квалификациската групна фаза“, се вели во соопштението на УЕФА.

Преостанатите места ќе бидат одредени со плејоф натпревар помеѓу преостанатите второпласирани екипи во квалификациските групи и првопласираните победници од неквалификациски групи од Лигата на нации на УЕФА за сезоната 2026/27, се додава во соопштението.

„Во зависност од бројот на места што ги користат земјите домаќини, бројот на места на финалниот турнир што ќе се одлучат преку плејофот може да варира помеѓу два и четири.“ Натпреварите од ЕУРО 2028 ќе се играат на девет места во Обединетото Кралство и Ирска.