Уџум: Турција за да постигне мир со Курдите мора да го смени Уставот


 Главниот правен советник на турскиот претседател, Мехмет Уџум изјави дека за Турција да тргне на патот кон мирот со Курдската работничка партија (ПКК) ќе мора да го смени Уставот.

Но, тој исклучи каков било посебен статус за Курдите.

– Држава на курдскиот народ е Република Турција, Турција е татковина на курдскиот народ … Факт е дека турското државјанство е дефинирано како правен, а не како етнички статус и тоа ќе биде јасно наведено, посочи Уџум.

Изминатите месеци турските власти одржаа низа состаноци за завршување на четиридеценискиот судир со ПКК, која во мај објави распуштање, а од средината на јули почна да се разоружува.

— Со распуштање на ПКК и нејзиното разоружување, патот сега е отворен за демократски процес, посочи Уџум, додавајќи оти таквиот процес ќе ја одреди иднината на Турција и на регионот.

Прокурдската Партија за еднаквост и демократија на народите (ДЕМ), трета по големина во Парламентот, која посредуваше помеѓу Анкара и затворениот основач на ПКК, Абдула Оџалан, бара подобрување на правата на курдската заедница, која е околу 20 проценти од турското население. Парламентот на Турција формираше меѓупартиска комисија задолжена за подготовки на правната рамка за мировниот процес.

Според Уџум, барањата на ДЕМ можат да се решат со нов Устав.

Реџеп Тајип Ердоган кој е на власт од 2003 година, прво како премиер, а од 2014 година е претседател, често зборува за уставни измени. Според него, Уставот од 1980 година е застарен.

Според опозицијата Ердоган сака уставни измени за да може повторно да се кандидира за претседател. Согласно актуелниот Устав тој не може да се кандидира за уште еден мандат.