Ударот од кризата посилен врз децата, нејзиниот ефект продолжува, но интензитетот се намалува


Во 2022 година дополнителни 13.000 лица, од кои 5.000 деца, во државава, се под прагот на сиромаштијата, како резултат на ефектот од кризата, покажува денеска презентираната студија „Ефектите на кризата со храна и енергија врз децата и семејствата во Северна Македонија“, изработена од Институтот за истражување и економски политики Фајненс тинк, во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.

Таа проценка, како што изјави Марјан Петрески од Институтот Фајненс тинк, значи дека ефектот од кризата е посилен врз децата отколку врз другите популациски групи.

-Во студијата идентификуваме дека децата се дополнително ранливи кога се наоѓаат во домаќинства со повеќе од три деца и каде што нивото на образование на родителите е пониско. Ова е битно за да може соодветно да се таргетираат интервенциите на политиките, изјави Петрески, пред презентацијата на студијата.

Проценката од ефектот од владините мерки, пак, кои ги таргетираат цените и опфатот на домаќинствата, покажува дека тие ублажиле 30 до 60 проценти од ударот на кризата зависно кој индикатор се зема предвид и која популациска група. Но, потенцираше Петрески, овој ефект не е мал. Негативната страна е што најголем дел од мерките беа линеарни, што значи дека во услови на тесен фискален простор што дополнително се стеснува и таа линеарна компонента ќе мора понатаму да се намалува, рече Петрески.

Утврдена е потреба за натамошни мерки што ќе бидат стриктно таргетирани, односно ќе помогнат на сегментите од популацијата на којашто тоа и е најпотребно.

-Проценуваме дека ефектот од кризата продолжува, таа не е завршена, ќе биде присутна во текот на годинава, но интензитетот се намалува како резултат на благата стабилизација во сегментот на цените и одредено компензирање што ќе го направи порастот на номиналниот доход, согласно најавите за пораст на минималната плата, усогласувањето на пензиите, социјалната помош…, рече Петрески.