Училиштето „Цветан Димов“ доби енергетски ефикасна фасада


 

Средното училиште на Град Скопје „Цветан Димов“ од денеска има нова, енергетски ефикасна фасада со променет, модерен изглед во специфичен визуелен и естетски стил.

Фасадата е изработена од алуминиумски композитни панели во боја и соодветна подлога во согласност со најсовремените светски стандарди за противпожарна заштита, енергетска ефикасност и подобрена термичка и звучна изолација. Училиштето „Цветан Димов“ во Чаир денеска го посетија градоначалникот Шилегов и министерот за образование, Арбер Адеми.

– Ова е таа визија што ние како град ја имаме за тоа како всушност треба да изгледаат училиштата, местата каде што нашите деца се стекнуваат со образование. Парите на граѓаните ги трошиме за вистинските приоритети, за највисоките технолошки достигнувања што ги има на пазарот, наместо за стиропорите кои порано беа карактеристика на трошењето на градските пари. Овој зафат чинеше околу 34 милиони денари – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој додаде дека во завршна фаза е и реконструкцијата на фасадата на средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ и нагласи дека Градот Скопје континуирано вложува во образованието и обезбедува подобри просторни и други услови за изведување на наставата и на воншколските активности, согласно со надлежностите на локалната самоуправа, а има добар партнер и во Министерството за образование.