Училиштата се празнат, компаниите остануваат без работници


Во државава недостигаат од 5.000 до 8.000 заварувачи, металостругари, а само за потребите на компаниите лоцирани во Општина Гази Баба фалат 650 работници со средно образование, квалификуван кадар во делот од машинската и електронската индустрија. Нема работници за овие профили – или веќе работа или си заминале во странство за подобра заработувачка. Насушна е и потребата од заварувачи на метали, ракувачи на градежна механизација, програмери на ЦНЦ-машини, водоинсталатери, електротехничари, хемичари, месари, пекари, ѕидари, фармацевтски техничари, готвачи, информатички и медицински техничари, покажува истражувањето што го направи Центарот за меѓуетничка толеранција заедно со Општината за потребите од квалификуван кадар во над 130 компании во земјава. Владо Димовски од Центарот посочи дека недостигот на ваков кадар се должи и на уписната политика на образовните власти преку која и натаму се форсираат гимназиите. Ги повика компаниите да се вклучат во реформите бидејќи така ќе се добие квалификуван кадар.

„Компаниите пројавија интерес и за високостручен кадар кој им е потребен бидејќи голем дел од овој кадар и од средношколскиот избегаа од државата. Така е и насловот на истражувањето ‘Туѓината пуста да остане, државата празна ни остана’. Од високообразовани кадри, најголема потреба има од машински, електро и технолошки инженери, лабораториски биоинженери, хемиски инженери, агрономи, доктори по општа медицина и фармацевти. Во ЕМУЦ ‘8 Септември’ изминатиов период доаѓаа повеќе компании од нивните оддели за човечки ресурси и бараа машински техничари, водоинсталатери, а ние им велевме дека нема. Низ истражувањето утврдивме дека со години наназад се водела погрешна уписна политика во образованието. Јас и порано зборував дека образованието тоне, сè уште не е оправено. Уписната политика со новиот конкурс на Министерството за образование и наука повторно е истата од пред две-три години, повторно се форсираат гимназиски паралелки, наместо да се зголемуваат паралелките за занаети за кои има потреба пазарот“, вели Димовски.

Директорот на ЕМУЦ „8 Септември“, Кенан Асани, потсети дека порано во училиштето се образувале 900 ученици, а сега е речиси празно и на раб на затворање. Лани во училиштето се запишале само 14 деца.

„Во училиштето има вкупно 100 ученици. Оваа година од трета и четврта имаме 50 матуранти, тие ќе си заминат и ќе останат 50 деца бидејќи лани се запишаа само 14 ученици – тројца ученици во македонските паралелки и 11 во албанските. Првиот чекор што го направивме е да се стипендираат учениците. Сите компании едногласно стојат за тоа, ќе го стипендираат секое дете што ќе се запише кај нас“, рече Асани.

Излез од ситуацијата и Димовски и Асани гледаат во стипендирањето на учениците, а по завршувањето на средно образование да им биде обезбедено вработување во компаниите. Очекуваат поголем прилив на деца во септември, а во мај во училиштето ќе се одржи саем на кој ќе има над 60 компании, ќе ги запознаваат учениците и нивните родители за можностите што им се нудат. Ќе се потпишуваат и договори за стипендирање.

Генералниот менаџер на компанијата „Ариљеметал“, Трајан Ангелоски, потенцираше дека секое училиште треба да произведува кадар спрема потребите на стопанството, не смета дека платите се ниски за машинските струки и дека тоа е причината што младите заминуваат надвор.

„Платите треба да зависат од учинокот кој вработените го даваат на своето работно место. Висината на платите во овој сектор се менува на дневна основа“, вели Ангелоски.

Потребна е брза реформа на стручните училишта кои во соработка со компаниите и нивните потреби би ги обликувале наставните програми и ќе нудат квалитетна практична работа. Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, рече дека заедно со средните стручни училишта што гравитираат на територија на Општината работат на изнаоѓање на решение за недостатокот на работна сила.

„Работиме на едукација, обука, преквалификација како и доживотно учење, стекнување на нови вештини, а посебен акцент ставаме на подигањето на свеста кај младите за изучување на стручните насоки, како и по завршувањето на образованието да го најдат своето место во компаниите во нашата земја. Затоа ги охрабруваме младите што не се одлучиле каде сакаат да го продолжат своето образование да одберат струки што ќе им донесат знаење и подготвеност“, наведе Георгиевски.

Додека се бараат работници за компаниите и надлежните ги повикуваат младите да се запишуваат во средни стручни училишта, тие и натаму се празнат низ земјата. Една од причините е токму иселувањето, тренд кој според експертите и натаму ќе биде во подем.

Вероника Мароска-Леова