Учениците ги покажаа своите модни идеи на изложбата „Моден дизајн“ во Прилеп


Учениците од текстилно – кожарската струка од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп денеска, на свој креативен начин, создадоа изложба со наслов „Моден дизајн” на која се претставија со околу 300 свои модни скици.

Изложбата се одржа во холот на училиштето под менторство на професорката Јулијана Поповска, а содржи модни илустрации – простор каде линијата се претвора во визија, а бојата во емоција. Оваа изложба е посветена на уметноста на модната скица – првиот чекор за создавање на секоја модна креација.

Рречиси 300 скици од модни креации ги красат ѕидовите во холот на училиштето во Прилеп, на кои се прикажани сите идеи на овие млади, а понатаму и успешни млади модни креатори, кои го трасираат патот кон оджлива мода.

„Оваа изложба е посветена на уметноста на модната скица – првиот здив на секоја модна креација, моментот кога идејата оживува на хартија. Овие ученици се идните лидери во модниот свет. Тие не се само следбеници на трендовите – тие се творци на нови, уникатни стилови и идеи“, рече професорката Јулијана Поповска во поздравниот говор.

„Целта на оваа изложба е да се разбијат стереотипите за текстилно кожарската струка каде еве овие ученици учат исклучиво само за да работат на машини во конфекциите каде што е платата прилично ниска. Фактички ние сакаме малку да ја поткрениме на едно повико ниво токму оваа струка, ние сакаме да го предизвикаме интересот на деветтоодделенците да се запишат во текстилно кожарската струка, затоа што интересот за оваа струка и она што претставува мода, дизајнирање, креација на облека започнува токму од овие илустрации“, рече Жанета Видевска, директор на СОУ Ѓорче Петров – Прилеп, која им додели пофалници на учесниците.

Модната дизајнерка Ирина Тошева беше присутна на настанот и како многупати досега безрезервно ги поддржа овие креативни ученици.