УБС го комплетираше преземањето на Кредит Свис
Швајцарскиот банкарски гигант УБС го заврши купувањето на својот поранешен конкурент Кредит Свис, објави банката во отворено писмо објавено денеска во швајцарскиот дневен весник НЗЗ.
„Го завршивме легалното преземање на Кредит Свис“, објави банката, додавајќи дека тоа е „почеток на новото историско поглавје за новиот ентитет“.
Откупот создава мегабанка која никогаш порано не постоела во Швајцарија. Неговата големина ги загрижува и политичките претставници. Илјадници работни места би можеле да исчезнат само во Швајцарија поради дуплирање по спојувањето на банките.
Банката Кредит Свис, втора по големина банка во Швајцарија, во март преку ноќ стана несолвентна поради низа лоши инвестициски одлуки и страв од клиентите кои во паника ги повлекле своите заштеди.
Швајцарските власти, со поддршка на швајцарската централна банка и финансиските регулатори, се согласија да го продадат Кредит Свис на УБС за 3,25 милијарди долари.
Спојувањето отвора голем бизнис за УБС , кој го истакна својот конзервативен пристап кон ризикот во отворено писмо и рече дека нема да прави компромиси.
Шефот на швајцарската национална банка Томас Џордан смета дека немало друго решение.
„Се разбира, срамота е што сега остана само една (голема банка). Но, сигурен сум дека ќе имаше меѓународна криза доколку не успееше купувањето на банката од УБС, а ќе беше уште полошо за Швајцарија“, рече тој.