УБК заминува во историјата. Кого Заев ќе го избере за прв разузнавач?
За неколку дена, на Горан Николовски ќе му биде прекинат мандатот како директор на УБК, а дотогаш владата треба да го именува првиот директор на новата Агенција за безбедност, чие формирање е уредено со Законот што минатата седмица го донесе парламентот со 91 глас „за“, а вчера го потпиша претседателот Стево Пендаровски.
Според неофицијални информации, стартот на новата Агенција под капа на владата, а со тоа и суспендирањето на УБК која функцинираше во рамки на МВР, сепак, не мора да значи крај на раководењето на Николовски со една од безбедносните служби во земјава. Тој се спомнува како еден од можните кандидати за директор на Агенцијата за безбедност, а во игра се наводно и други имиња. Како најсериозен кандидат, всушност, се спомнува актуелниот државен секретар во МНР, Виктор Димовски, кој има минат стаж во безбедносниот сектор, а во последните две години од претседателскиот мандат на Бранко Црвенковски беше на чело на Агенцијата за разузнавање. Се зборува и за Јовче Ременски, како и за некогашниот министер за внатрешни работи Силјан Аврамовски, кој е сега во пензија. Сепак, засега се е на ниво на шпекулации, особено ако се имаат предвид високите критериуми што ги предвидува новиот закон за именување директор на Агенцијата. Односно тоа мора да биде личност со големо искуство во областа на разузнавањето. Меѓу другото, предвидено е за директор на Агенцијата да може да се именува лице со најмалку 15 години работно искуство во безбедносно-разузнавачката заедница, од кои најмалку пет на раководна позиција, така што во оптек се става и името на Зоран Верушевски. За заменик-директорот, пак, е предвидено да има најмалку 10 години стаж во овој сектор од кои најмалку четири на раководно место. Носителите на овие функции, исто така, треба да поминат низ безбедносна проверка за да се утврди дека не постои безбедносен ризик за нивно именување.
Од кабинетот на Пендаровски соопштија вчера дека претседателот ги потпишал указите за прогласување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница и на Законот за Агенција за национална безбедност. Ова се клучни закони за реформа на безбедносните служби. Со Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, што се носи за првпат, се формира Совет за координација кој ќе ги спроведува предлозите на највисокото безбедносно тело – Советот за национална безбедност.
Во Советот за координација, според објаснувањето на кабинетот, се претставени сите институции кои имаат надлежности во сферата на одбраната и безбедноста. Со Законот за Агенцијата за национална безбедност, пак, прецизно се регулира собирањето на податоци и информации значајни за безбедноста и одбраната на државата.
За време на изборната кампања, Пендаровски изјави дека како претседател нема да се согласи со закон за координација на службите во кој последниот збор го има премиерот.
-Ако ова биде навистина последна верзија и ако јас бидам претседател и ако дојде тој указ за потпишување, на крај нема да се согласам, изјави Пендаровски пред повеќе од еден месец.
Оттогаш, работните групи меѓу власта и опозицијата кои ги договараа реформите во безбедносниот сектор усогласија повеќе амандмани на првичното законско решение. Така, меѓу другото, беше усогласено координацијата меѓу разузнавачкиоте служби на оперативно ниво да се одвива преку т.н. Совет за координација, а на стратешко ниво преку Советот за национална безбеднотс, со што ова тело, со кое раководи шефот на државата, практично доби уште една надлежност. Инаку, Советот за безбедност, кој беше „под мраз“ повеќе месеци поради лошата кохабитација меѓу експретседателот Ѓорге Иванов и владата, сѝ уште не заседавал под водство на Пендаровски, кој допрва треба да назначи тројца надворешни членови, покрај членовите по функција – премиерот и претседателот на парламентот и министрите за надворешни и внатрешни работи и за одбрана. Затоа, пак, Пендаровски назначи неодамна нов директор на Агенцијата за разузнавање – Еролд Муслиу. Што се однесува до Законот за Агенцијата за безбедност, тој се носи со двотретинско мнозинство, така што шефот на државата е обврзан да го потпише.
Регулативата за формирање на новата Агенција за национална безбедност, по потпишувањето од Пендаровски, треба што поскоро да биде објавена во „Службен весник“, по што, како што е предвидено би стапила во сила во рок од осум дена. Веднаш потоа, владата треба да го именува првиот директор на Агенцијата, со мандат од пет години и право на реизбор. Според тоа, многу скоро ќе се знае кому премиерот Зоран Заев ќе му ја даде довербата да раководи со безбедносниот сектор во земјава.
Како што е предвидено со новиот Закон, Агенцијата почнува со работа на 1 јуни годинава, а од тој ден престанува со работа УБК во МВР, а на директорот на Управата му престанува функцијата. Потоа треба да се формира комисија за селекција на кадри во новата Агенција. Целиот процес на избор на кадри треба се очекува да заврши до септември. Притоа ќе бидат преземени само дел од кадрите во УБК. Оние кои нема да бидат преземени во новата Агенција ќе бидат распределени на други работни места во МВР, додека на оние за кои, преку проверката, ќе се утврди дека постои безбедносен ризик веднаш ќе им престане работниот однос во МВР. (А.М.М.)