Убиено лицето кое со возило удри во кинескиот конзулат во Сан Франциско
Полицијата го уби лицето кое со возило се залета и се удри во зградата на кинескиот конзулат во Сан Франциско, соопштија американските власти.
Возачот вчера попладне по локално време удри во предворјето на Генералниот конзулат на Народна Република Кина, кој се занимава со визи, изјави портпаролката на полицијата во Сан Франциско, Кетрин Винтерс, пренесе Си-ен-ен. Таа рече дека полицијата реагирала за неколку минути и го застрелала возачот. Тој бил пренесен во болница, каде што била констатирана смрт.
Не е познато колку луѓе имало во конзулатот кога се случил инцидентот, но Винтерс рече дека никој друг не е повреден. Таа не одговори на прашањето зошто полицијата отворила оган, ниту дали убиениот бил вооружен. Винтерс не кажа дали несреќата била намерна, ниту пак даде други информации за лицето или инцидентот.
Портпаролот на генералниот конзулат на Кина во Сан Франциско во соопштение рече дека несреќата предизвикала „сериозна штета“ на зградата и ги ставила луѓето во „сериозна опасност“ да бидат повредени или убиени. Во соопштението се вели дека конзулатот „најостро го осудува“ инцидентот и бара истрагата „да се спроведе експедитивно и во согласност со законот“.
Полицијата на Сан Франциско соопшти дека тие и претставници на американскиот Стејт департмент работат со кинескиот конзулат, а Винтерс рече дека властите работат на утврдување која агенција ќе ја води истрагата за инцидентот. „Ова е уникатна истрага бидејќи се случи во предворјето на кинескиот конзулат, така што има многу инволвирани агенции и јурисдикции“, додаде Винтерс.