Убавина, што беше тоа?

Тука и во светот, ова е време на мејк ап артисти, стилисти, фризери, и естетски хирурзи кои  ве прават убавици однадвор, а ѕверови одвнатре


Внатрешна или надворешна, објективна или субјективна, цел живот ни ги избира пријателите, брачните партнери, професијата, работното место, татковината и иднината, не прави победници или лузери, ни ја гали или ни ја навредува суетата, ни го расне егото или ни прави лузни во душата. Однадвор силни, одвнатре кршливи и несигурни.

Спиеме по 8 часа за убавина, се храниме здраво и вежбаме за убавина, се откажуваме за убавина, патиме за убавина, држиме диети за убавина, пиеме само вода за убавина…

Што е денес убавина? Жени со со облини како Синди Крафорд и Линда Евангелиста или анорексични убавици кои се менуваат од ден на ден и не им ги паметиме имињата?

Изгледот ни дава енергија или не фрла во депресија. Ни го празни или полни паричникот. Не прави ѕвезди, брендови и икони или никој и ништо. 

Порано беше доволен муабет со другарка, сега е модерно да одиш на психијатар или да си ја вратиш самодовербата со две три боцкања со ботокс, колаген или хијалуронска киселина. 

Тука и во светот, ова е време на мејк ап артисти, стилисти, фризери, и естетски хирурзи кои  ве прават убавици однадвор, а ѕверови одвнатре.

Во најлошите случаи, пак не ќе можете да се гледате во огледало или пак ќе живеете во илузија дека нема поубави од вас.

И меѓу светските ѕвезди ботоксот погодил или утнал, некој се направил чудовиште, а некој старее достоинствено.

Зошто повеќе сакаме да не озборуваат, отколку да не фалат, да ни се чудат, отколку да ни се восхитуваат, да го вртат погледот отколку да не гледаат во очи?

Дали изгледот е навистина релативна работа и лична одлука без општествена одговорност?

Дали незадоволни од изгледот, всушност сме незадоволни од животот?

Зошто не се задоволуваме со добро здравје, среќни деца, со нови чанти и чевли, туку сакаме да имаме нови усни, затегнати образи, вештачки исполирани заби, поткрената брада, силиконски гради и задница, вештачки трепки и надоградена коса?

Со годините сфаќаме:

Колку очи, толку убавина.

Некој е убав однадвор, а некој одвнатре.

Некој зрачи со убавина, а некој ја поседува.

Некој може да биде најубав на свет ама заради лошотилокот, најгрд.

Некој може да биде најгрд на светот, ама заради добрината, најубав.

Вие избирате како ќе ве види светот, како убавица или како ѕвер!