Уапсена деканката на Медицинскиот факултет во Нови Сад и уште пет лица

Деканката на Медицинскиот факултет во Нови Сад, Снежана Бркиќ, беше уапсена утрово во акција на полицијата и обвинителството, заедно со уште пет лица, за злоупотреба на службената должност.
Претходно, српското Вишо јавно обвинителство покрена кривична постапка против неа и неколку други членови на штрајкувачкиот одбор поради сомнение за злоупотреба на службената положба и нарушување на работата на факултетот, бидејќи, како што е наведено во барањето, таа, заедно со своите колеги, учествувала во организирањето на штрајкот што довел до блокирање на наставата. Случајот го води Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата, а истрагата е сè уште во тек.
„Поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело перење пари и продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба, уапсен е Б. Ј. (1960), одговорно лице за финансиски работи на Медицинскиот факултет во Нови Сад, додека В. Ш, раководител на Службата за правни, кадровски и општи работи на Факултетот и Ѓ. М. (1964), фактички одговорно лице на студентска задруга во Нови Сад, се осомничени за кривично дело перење пари и продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба во помагање“, се наведува во соопштението на МУП.
Во оваа акција, деканот на факултетот С.Б. и С.Т., службеник од Одделот за финансиско сметководствени работи на факултетот се уапсени поради постоење основи на сомнение дека сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба во соизвршителство, како и Р.Г., раководител во Одделот за финансиско сметководствени работи, кој покрај ова кривично дело, се товари и за продолжено кривично дело даночна евазија.
Вработените на Медицинскиот факултет сметаат дека ова е случај на политички прогон, бидејќи деканот прво застана на страната на студентите, а потоа и на вработените кои го започнаа штрајкот.
Повеќе од 50 проценти од вработените на Медицинскиот факултет во Нови Сад штрајкуваат со месеци како знак на поддршка на студентските блокади и одговор на сериозните прекршувања на автономијата на универзитетот. Тие издржаа разни притисоци, дури и од Клиничкиот центар на Војводина, кој покрена иницијативи за повторно воспоставување настава со повици за анкета „за или против продолжување на годината“.