Твитер го блокира, па го пушти профилот на вдовицата на Алексеј Навални


 

Социјалната мрежа Икс го суспендираше профилот на Јулија, вдовицата на рускиот опозиционер и еден од најгласните критичари на претседателот Владимир Путин, Алексеј Навални.

Како што пренесува Скај њуз, не е познато зошто е тоа направено. Само наведува дека Икс суспендира профили кои ги прекршуваат правилата на таа социјална мрежа.

Неколку часа подоцна Икс го врати профилот на Навална, веројатно поради огромните реакции.

Претходно денеска на мрежата Икс, Јулија Навална го повика Кремљ „да го предаде телото на Алексеј и да дозволи достоинствено да биде погребан“.

Таа, исто така, рече „не ѝ е грижа како прес секретарот на убиецот ги коментира нејзините зборови“.

Пред тоа, таа го обвини Путин за убиство на нејзиниот сопруг, додавајќи дека наскоро ќе бидат обезбедени докази за нејзиното тврдење.

Кремљ негираше вмешаност, велејќи дека тврдењата дека рускиот лидер е одговорен се неприфатливи.

Алексеј Навални почина во петокот во затвор во руската арктичка област, каде што издржуваше 19-годишна затворска казна.