Тутунски комбинат Прилеп доби дивиденда од 2,4 милиони евра од заедничката компанија со „Филип Морис“


Тутунскиот комбинат во Прилеп доби дивиденда од 2,4 милиони евра од компанијата „Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп (ФМТКП), што претставува зголемување за 58 проценти споредено со дивидендата добиена минатата година.

Дивидендата, како што се наведува во денешното соопштение, во најголем дел ќе биде искористена за сервисирање на наследените стари долгови што ги има Комбинатот и финансирање на Планот на подобрување на продуктивноста преку реструктуирањето спроведено во текот на 2018 година.

ФМТКП е заедничка компанија на „Филип Морис Интернешнел“ и Тутунскиот комбинат Прилеп, формирана во 2014 година.

– ТКП со децении беше на листата на најголеми загубари во земјата, чие работење и опстојување, со оглед дека е најголем откупувач на тутун од најголемиот тутунопроизводен регион во земјата, зависеше од постојани дотации од државата како негов мнозински сопственик. Благодарение на стратешкото партнерство со Филип Морис, согласно финансиските извештаи за 2019 година, ТКП излезе од листата на загубари. Ова е многу значајно достигнување, бидејќи ТКП ги има сите предуслови да полека прерасне во една профитабилна фирма, со подобрена ликвидност, продуктивност и ефикасност, се вели во соопштението.