Турската централна банка ја намалува основната каматна стапка поради забавувањето на инфлацијата


Турската централна банка денеска ја намали својата каматна стапка за дополнителни 2,5 процентни поени, неколку дена откако официјалните податоци покажаа забавување на инфлацијата на под 40 отсто на годишно ниво за првпат во две години.

Ова е трето последователно намалување на каматните стапки.

Во соопштението, Банката наведува дека, сепак, ќе ги разгледа трендовите на инфлацијата и внимателно ќе ги прилагоди стапките.

„Иако инфлациските очекувања и цените се во нагорна линија, тие сепак претставуваат ризици“, велат од Банката.

Годишната инфлација во Турција забави на 39,05 отсто во февруари од 42,12 отсто во претходниот месец, покажуваат податоците на Турскиот статистички институт.

Сепак, група независни економисти изразија сомнеж и проценија дека стапката е значително повисока.

Високата инфлација во Турција се припишува на комбинација од фактори, вклучително и зголемувањето на цените на енергијата, економските последици од пандемијата на Ковид-19 и неконвенционалните економски политики на претседателот Реџеп Тајип Ердоган во минатото за намалување на каматните стапки и покрај зголемената инфлација.

Претседателот Ердоган назначи нов економски тим во 2023 година, оддалечувајќи се од неговите претходни неортодоксни политики. Тој тим првично спроведе серија зголемувања на каматните стапки за да се бори против инфлацијата.