Туристичките места во Македонија претставени во книга на водичот Спасе Манев
Неоткриените места, кои вредат да се посетата во Македонија, на 207 страници, со богат опис и многу фотографии во висока резолуција се најдоа во новата книга на туристичкиот водич Спасе Манев која во фокус ги има туристичките места во Македонија.
За да дојде до сите информации кои се претставени во книгата, Манев за Skopje.IN објаснува дека многу истражувал и стекнал многу познанства. За да се склопи целиот материјал, нему му биле потребни околу година и пол, а идејата тлеела веќе две до две и пол години.
„Оваа книга може да им понуди на читателите многу нови интересни туристички места што не се многу познати, но се со голем потенцијал да станат голема туристичка атракција и да примамат многу домашни и странски туристи. Важно е овие места што се прикажани во книгата што е можно повеќе да се дознаат, да се посетуваат и повеќе да се испромовираат од
посетителите“, дециден е Манев.
Интересот за книгата, тој сведочи дека е изненадувачки голем, и вели дека му бил неочекуван бумот што се случил по најавата за продажба на книгата.
„Голем е интересот за купување на книгата од сите краишта на државата, но има голема заинтересираност од македонските иселеници и странските туристи“, вели Манев.
Поради големата побарувачка и за англиски јазик, таа ќе биде и преведена, а за нејзината промоција, Манев најави дека наскоро ќе објави.
„Работам и на други работи, но засега нема да откривам кои се и ќе ги чувам во тајна, исто како што беше и со книгата“, вели тој за Skopje.IN .
Доколку сте член на некоја од туристичките групи за Македонија на Фејсбук, сигурно имате налетано на името на овој туристички водич, кој има создадено неколку групи, меѓу кои и групата „Патувања низ Македонија“ која брои речиси 250.000 членови.
Според него, ваквите групи се одлично место каде можат да се видат убавините на Македонија.
„Групата ‘Патувања низ Македонија’ веќе е скоро 250.000 членови и е една од најголемите македонски фб групи, доколку ги рачунаме и групите за продажба. Бидејќи сум голем вљубеник во патувањата, решив моите патописи да ги споделувам на фејсбук, па и да креирам една група како оваа, но и многу други туристички групи. Искрено не е лесно да се раководи со
една толку голема група, па затоа имам помош и од други модератори и досега одлично се снаоѓаме“, објаснува Манев.
Објавите кои тој ги споделува во групата, објаснува дека се одлично прифатени и често има луѓе кои не посетиле одредени места, и истовремено се изненадени од тоа со што располага Македонија.
„Досега објавите на моите патешествија се позитивно прифатени и откако ќе ги објавам тие места што не се многу познати, луѓето се интересираат за нив и ги посетуваат“, вели Манев.
Според туристичкиот водич, властите во земјава не работат доволно на промоција на туризмот во Македонија. Тој објаснува дека за домашниот туризам добро да функционира треба сите да работат заедно, и властите и граѓаните.
„Прво што треба е надлежните повеќе да се посветат на домашниот туризам и туристичките места и знаменитости во Македонија, да ги уредат места, да постават инфо табли и патокази, корпи за ѓубре, како и табли за да не се загадува околината и да ја подобрат инфраструктурата“, вели Манев.
Сезоната на туристи обично трае за време на пролетните и летните месеци, за разлика од месеците кога е постудено. Според Манев, ваквата ситуација може да се подобри со подобра туристичка промоција на местата што можат да се посетат во зимските и постудените месеци.
„Секако дека можат тоа да бидат и некои водопади, има такви и покрај зимното време, сепак можат да се посетуваат. Може да се посетат скоро истите места што можат да се посетат и на лето, но за жал тие месеци за патување се неатрактивни. Причина плус се врнежите и снеговите на повисоките места и тие можеби ги прават местата непосетени“, смета Манев.
Неговата порака до македонските граѓани е тие повеќе да се посветат на домашниот туризам, да ги посетуваат местата, но притоа и да не фрлаат ѓубре и да се грижат туристичките места да не се загадуваат.
„Наместо во странство, повеќе да патуваат низ Македонија, бидејќи имаме многу неоткриени места кои допрва чекаат да станат туристичка атракција“, порачува Манев.