Туристичката понуда на саем во Утрехт: Холанѓаните заинтересирани за Охрид и Македонија


Интересот на холандските туристи за патување во Македонија е забележан и на третиот ден од саемското претставување на нашата туристичка понуда на познатиот 54. Меѓународен саем за патувања што се одржува во холандскиот град Утрехт.

-Традиционалната поврзаност со Охрид надополнета со збогатена туристичка понуда, гастрономските и културните тури, како и излетите во природа се доволна причина за Холанѓаните да ја одберат Македонија за следна дестинација, велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).

Развојот на туристичките дестинации во земјава, посочуваат од Агенцијата, е поттикнат и од нивната промоција.

Директорката на АППТ, Билјана Стефаноска, на саемот во Утрехт оствари средби со холандски туроператори и туристички агенции специјализирани за сегментирани видови туризам, што треба да донесатт туристи и во помалку познатите делови на Македонија, а кои се доволно атрактивни и богати со традиција, културни и природни богатства.

Од Агенцијата уште посочуваат дека холандскиот пазар кој е еден од првите и најлојални туристички пазари на Македонија е од значаен интерес за развој на туризмот во нашата држава, а лојалноста Македонија на овој пазар и официјално ја постигна со тоа што успеа да врати по втор или трет пат холандски туристи кои имаат желба да посетат и други делови од земјава, освен најголемите туристички центри.

Туристичката понуда на Охрид и Македонија ќе бидат презентирани на познатиот 54. Меѓународен саем за патувања што од денеска наредните три дена се одржува во холандскиот град Утрехт.

Саемот во Утрехт е најголема туристичка саемска манифестација во тој дел на Европа со учество на над илјада излагачи од стотици земји и дестинации. Претставува одлична можност за компаниите од областа на туризмот да ги презентираат своите понуди,  а учесниците да се поврзуваат со потенцијални клиенти и деловни партнери.