Турција во пламен, за два дена 25 пожари


Борбата со големиот шумски пожар во округот Којџегиз, во турската провинција Мугла, продолжува и денеска, додека огнот, под влијание на силен ветер, брзо се шири.

Според „Анадолија“, во акцијата за гаснење се вклучени 147 цистерни, 123 возила, 20 машини и речиси 950 пожарникари, а од воздух помагаат 10 авиони и 14 хеликоптери. Досега се евакуирани најмалку 230 домаќинства, уништени се два објекта, а повредени се 20 лица, од кои едно е хоспитализирано.

Претходно, шумскиот пожар во анталијскиот округ Аксу беше ставен под контрола, откако силниот ветер предизвика негово брзо ширење во близина на туристички комплекси. Како мерка на претпазливост, гостите од неколку хотели беа евакуирани.

Гувернерот на Анталија, Хулуси Шахин, изјави дека во изминатите два дена во регионот избувнале над 25 пожари и апелираше граѓаните да престанат со палење на земјоделски отпад. „Еден опушок може да предизвика катастрофа“, предупреди Шахин.

Шумски пожари се пријавени и во провинциите Ајдин и Мугла, а во гаснењето ширум земјата учествуваат вкупно 14 авиони, 20 хеликоптери и повеќе од 800 пожарникари.