Турција потврди дека се обновени испораките на сурова нафта преку цефковод од Ирак по двегодишен прекин

Испораките на нафта преку цевковод меѓу Ирак и Турција се обновени изутрината, изјави турскиот министер за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар.
Цевководот беше затворен по земјотресите на 6 февруари 2023 година, а турскиот оператор БОТАШ ја обнови својата оперативна подготвеност во октомври истата година, наведе Бајрактар на турската социјална мрежа Ен Соушл.
Ирачката официјална новинска агенција исто така денеска објави дека извозот на нафта од полињата на територијата на Курдската регионална влада во северен Ирак е обновен.
Ирачкиот премиер Мохамед Шиа ал-Судани завчера изјави дека нафтата од полињата во регионот на Курдската регионална влада ќе се извезува преку цевководот Ирак-Турција.
„Денес постигнавме историски договор, според кој Федералното министерство за нафта ќе прима сурова нафта произведена на полињата во регионот на Ирачки Курдистан и ќе ја извезува преку ирачко-турскиот цевковод“, напиша тој на мрежата Икс.
Курдската регионална администрација претходно објави дека се потпишани договори со локални и странски компании за почеток на извоз на нафта и дека одлуката на ирачкото Министерство за нафта била очекувана со цел што поскоро да започне извозот.