Турција доби првa женa адмирал


Анкара- Турција за прв пат во својата вековна историја доби жена адмирал, што досега беше тешко да се замисли. Во Анкара, почнаа да се прилагодуваат на новата ера во која, како и секаде во светот, жените играат незаменлива улога во сите области на животот и работата, вклучително и во моќната армија.

Таа прастара бариера сега ја проби Ѓокчен Фират, родена пред 47 години во Истанбул. Завршила воена академија, извесно време стекнала воено искуство во Норвешка и Велика Британија, била командант на воен брод на кој се обучувале питомци. Сега таа стана хероина на турската армија.

Врховниот воен совет на Турција, како дел од редовните годишни промени на врвот на армијата, сега ја унапреди во чин адмирал, како прва жена во турската морнарица.

„Особено сме задоволни што таква жена е унапреден во чин адмирал“, рече претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој е на чело на Врховниот воен совет и армијата.

По повод именувањето на Фират за прв турски адмирал, дел од истанбулските медиуми потсетуваат на револуционерниот потег што го направи основачот на Турската Република Мустафа Кемал Ататурк пред сто години. Тој беше меѓу првите во Европа, штом дојде на власт, што им даде на жените право на глас (да гласаат и да бидат избрани) и им отвори можност да се образуваат.

Во тие негови потфати, кои наидоа на жесток отпор кај поддржувачите на шеријатот, тој еднаш во Бурса се сретна со самоуверената 12-годишна девојка Сабиха. Таа храбро му пријде и рече дека како и нејзините сестри и браќа, кои останаа без родители, едвај врзуваат крај со крај. „Ата (татко), помогни ми, сакам да се образувам. Ја бакна косата како ќерка, ја донесе во Анкара и ја посвои (Ататурк немаше свои деца). Сабиха се школувала на воена академија и станала првата жена пилот во турската воена авијација. Учествувала во неколку воени операции. Ататурк ѝ го дал презимето Гокчен, што може да се преведе како Небесна Сабиха, што таа навистина беше. Тој едвај ги убедил колегите да ја прифатат во машкото општество, да стане водечки пилот. Еден од аеродромите во Истанбул сè уште го носи нејзиното име.

Легендата за Сабиха Ѓокчен сè уште живее, иако таа се пресели на небото во 2001 година – каде што како пилот ја пишуваше историјата на модерна Турција три децении. Единственото нешто што остана необјаснето е нејзиното потекло. Според некои, нејзините предци еднаш пристигнале во Турција од Црна Гора (од селото Лозна кај Бијело поле), а според други таа има ерменски корени. Додека „обичните смртници“ се расправаат за тоа, таа ужива во небесниот мир заедно со Ата (таткото на Турците) Мустафа Кемал, кој ја основа модерната турска република пред сто години.