Тупанчески: Дигиталната судница нуди најсовремени услови за спроведување на судски процес
Министерот за правда, Никола Тупанчески, на денешното отворање новоопремената дигитална судница во Казнено-поправната установа Идризово истакна дека оваа судница нуди најсовремени услови за спроведување на судски процес.
Меѓу придобивките што ги носи оваа судница, Тупанчески рече дека функционалниот аудиоконференциски систем дава можност за судење без физичко присуство и дека ќе се обезбеди заштита и сигурност на граѓаните во главниот град.
Шефот на делегацијата на Европската унија, амбасадорот Дејвид Гир, министерот за правда Никола Тупанчески и заменик-шефот на Мисијата на Амбасадата на САД Ерик Мајер денеска во Казнено-поправната установа Идризово ја отворија новоопремената дигитална судница.
-Дигиталната судница овозможува притворените лица за тешки кривични дела да добијат судење на подрачјето на затворот Идризово. Со тоа се зголемува безбедноста на жртвите, но и се почитува правото на притворениците да се бранат со што се обезбедува правично судење. Почитувањето на човековите права води кон непристрасен, транспарентен и одговорен систем на казнено право и се стекнува доверба на граѓаните во правниот поредок, наведуваат од Делегацијата на ЕУ.
Според Министерството за правда, ова е најголемата и најопремената судница во земјава со судска сала од 290 метри квадратни, а со нејзиното користење ќе се намалат трошоците за судските процеси за обезбедување и транспорт и ќе се обезбеди поголема заштита на безбедноста и сигурноста на граѓаните на главниот град.
Вкупната вредност на објектот изнесува 1,3 милиони евра. Главно е финансиран од ЕУ со околу еден милион евра инвестирани во градба и опрема. Националниот придонес е 0,28 милиони евра. Набавката на дополнителна безбедносна како и ИТ опрема беше поддржана од Амбасадата на САД.
-Помошта на ЕУ за отворањето на новата судница во Идризово е дел од поголемите напори за реформирање на казненото право и казнено-поправниот систем во земјата. Целта е да им се помогне на институциите да остварат поефикасна репресија на криминалот, притоа почитувајќи ги основните права на луѓето, додаваат од Делегацијата на ЕУ.