Туфегџиќ: Обвинителството потврди дека немало комуникација помеѓу таткото Александар и Љупчо Палевски
Адвокатот на Александар Ѓорчевски, денеска, по завршувањето на судското рочиште во Основниот кривичен суд за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, на кое се изведуваа материјални докази, рече дека се потврдило неговото тврдење дека немало никаква комуникација помеѓу таткото на Вања и првоосомничениот Љупчо Палевски.
– Самиот јавен обвинител го потврди она што ние го тврдиме од првиот ден, односно дека нема никаква комуникација. Јавниот обвинител денеска ги појасни доказите, се потврди дека Александар имал комуникација со Дејан Димовски како началник, имал комункација со Музафер Харишиќ и Гоце Трајковски, рече Владимир Туфегџиќ.
Ова покажува, вели, дека Александар постапувал исклучиво по напатствија на полициските службеници со кои разменувал видео материјали.
– Со ова се покажува дека Александар исклучиво постапувал по напатствија на полициските службеници, разменувал видео материјали и имал комуникација во таа насока. На крајот, како што и самите сте сведоци дека јавниот обвинител потврди дека во критичниот период има доказ дека Александар контактирал исклучиво само со Зорица, Вања и Миња, на тоа се сведува се, рече Туфегџиќ.
Како дел од доказната постапка, додаде, му предложил на Судот да се разгледаат новинарски извештаи неколку часа по објавата на мајката Зорица Ѓорчевска, како доказ за тоа кој прв ја информирал јавноста дека се сомнева дека девојчето е киднапирано.
– Јас како бранител, очекувам да се изведе само уште еден доказ кој го предложивме во дополнение на доказна постапка, а тоа се ваши новинарски извештаи неколку часа по објавата на мајката на социјалните мрежи за исчезнатото дете. Доказот се однесува на тоа, кој прв ја информирал јавноста за тоа дека се сомнева дека девојчето е киднапирано. Останува уште тоа, да се сослуша Александар и за нас како одбрана доказната постапка заврши и Судот може донесе своја одлука, рече Туфекџиќ.