Трошановски: Власта се обидува да издејствува пообјективен преговарачки процес за ЕУ


Не назадуваме, но на добар пат сме да почнеме да доцниме доколку Министерството за правда не ги поднесе, а Собранието најитно не почне да работи на нив, предупреди Марко Трошановски од Институт за демократија Социетас Цивили за бавното туркање на законите од Реформската агенда за кои рок за усвојување е веќе во јуни. Според него, партиите тешко се откажуваат од поволностите што им се нудат со сегашните закони, но тоа порано или подоцна мора да се направи во интерес на сите граѓани. Тој посебно го нагласи отпорот да се усвои Законот за висока раководна служба кој е подготвен одамна, но неговото усвојување се одолговлекува, или како што рече – се игнорира.

„Повеќе пати нагласивме дека се игнорира Законот за висока раководна служба што треба да го намали влијанието на политичките партии при именувањето на функционерите во јавната администрација  и да обезбеди таа да стане пофункционална и да биде поквалитетна контролата врз нејзината работа.Иако владата презеде обврска и тој закон требаше да се донесе одамна, се уште не се става на дневен ред во Собранието“, соопшти Трошановски. 

Запрашан зошто владата не прави ништо  да се придвижат преговорите на Македонија со ЕУ, тој посочи на некакви задкулисни обиди да се направи процесот на преговарање пообјективен и да не зависи од билатерални спорови – иако такви напори јавноста не гледа, освен празни реторики. 

„Мислам дека има некакви позадински обиди процесот на преговори да се направи пообјективен и поверодостоен, во смисла да не зависи од билатералните барања и од  Протоколот со кој е врзана Преговарачката рамка.Тие промени не можеме да ги туркаме преку измена на Преговарачката рамка , како што се покажа досега, но можеме во интерес на целокупниот процес на преговори со ЕУ да се обидеме да лобираме во земјите членки и во Брисел и да издејствуваме тоа да стане стандард и за останатите земји кандидати. Зошто, секако, има многу меѓусоседски барања, како на пример на Хрватска кон Србија, на Унгарија кон Украина…, секој има барање од секого. На тој начин ќе се заштитиме и сами, и ќе го заштитиме целокупниот процес така што ќе добиеме навистина реална преговарачка карта и аргумент да настапиме. Зад официјални канали владата, а и ние како невладини организации, се обидуваме тоа да го издејствуваме тоа, но дали ќе се случи, досега не е јасно“, вели Трошановски. 

Институтот за демократија денес организираше панел дискусија за владеењето на правото и пристапувањето во ЕУ на кој учествуваше и универзитетскиот  професор од Украина, Бодан Веселовски, кој се појави во традиционалната украинска облека покажувајќи како се брани идентитетот и зошто Украина е на пат да истрча со преговорите пред Македонија. Тој притоа најави дека за 12 мај се закажани преговори меѓу преставници на Унгарија и на Украина за да се најдат решенија за блокадата на нивниот евроинтегративен процес што ја најавува Будимпешта. Според него, на списокот на Виктор Орбан има 11 спорни прашања  и став на Киев е дека мора да преговараат за тоа, бидејќи се цврсто решени да влезат во ЕУ.

Преставен како некој чија земја поминува низ многу поголеми предизвици од тие за кои се дебатира кај нас во Македонија, Веселовски рече дека Украина не е „приказна“ од 2014 или 2022 година, кога почнаа војните, туку веќе 300 години се чудат како опстојуваат и дека денес е 25 годишнина од изборот на Владимир Путин за претседател на Русија кој дошол со „голема идеја“ да ја обнови СССР. Триста години, практично, Украина има пречки на својот пат, за каде и да е, од соседна Русија. 

Инаку, овој обид на владата на Македонија да го смени начинот на кој се преговара за ЕУ не е ништо ново, бидејќи за време на првиот мандат ВМРО-ДПМНЕ проба да го смени начинот на кој се влегува во НАТО, сега знаеме со каков исход.