На иницијатива на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура в четврток, на 18 март во 12 часот на платформата Zoom ќе се одржи тркалезна маса под наслов: „Конески – мостот што ги поврзува македонските и руските слависти“.
Настанот е дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ која се одвива под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија.
Во чест на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески оваа тркалезна маса е замислена како уште еден начин да се осветли личноста и делото на Блаже Конески, овојпат низ призмата на македонско-руските јазични, литературни и културни врски на која ќе се дискутира на следниве теми и тоа на руски и на македонски (како работни јазици):
- Конески мостот што ги поврзува македонските и руските слависти и
- Перспективите и предизвиците на славистиката во 21 век.
По Првата зимска школа организирана од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура која се одржа на почетокот од оваа година (25.01. – 05.02. 2021), со оваа тркалезна маса Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ преку Рускиот центар го продолжува учеството во достоинственото чествување на ликот и делото на оваа стожерна личност. Ова е најмалку што можеме да се стори за да се одбележи исклучително значајната улога и непроценливото влијание на Конески во развојот на УКИМ. Истовремено, во оваа исклучителна година на големиот јубилеј врзан со Конески, и Рускиот центар одбележува еден свој мал јубилеј – 5 години од отпочнувањето на работата.
Со свои пригодни обраќања на тркалезната маса ќе се обратат проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Н.Е. Сергеј Александрович Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Р. С. Македонија, проф. д-р Анета Дучевска, декан на филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Андреј Александрович Липгарт, декан на филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“.
За руските мотиви и влијанието на руските поети во творештвото на Конески ќе зборуваат акад. Ала Шешкен и проф. д-р Елена Верижникова од Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ и проф. д-р Кристина Николовска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
За патувањата на Конески во Русија и за неговото значење и улога во развојот и афирмацијата на македонистичките студии во Москва ќе се осврнат проф. д-р Димитар Пандев и проф. д-р Максим Каранфиловски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, додека проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе зборува за развивањето на културната соработка меѓу Македонија и Русија, за улогата на Семинарот за македонски јазик, литература и култура и Рускиот центар како продолжувачи на плодната и успешна соработка меѓу овие две земји.
Македонистиката и славистиката на универзитетите во Русија е во фокусот на интересот во излагањата на проф. д-р Елена Иванова и проф. д-р Зоја Шанова од Филолошки факултет при Санктпетербуршкиот државен универзитет и на Ирина Аржанова од Воронешкиот унивеврзитет.
Модератор на настанот е проф. д-р Биљана Мирчевска-Бошева, директор на Рускиот центар.