Таравари станува проблем за владата, вели Изет Меџити
Трите партии што останаа во „Вреди“ ќе одат заеднички на локалните избори. Изет Меџити повторно изјави дека одлуката на Таравари била во интерес на ДУИ

Коалицијата „Вреди“ смета дека одлуката за настап со одделни советнички листи за советници на Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари е донесена во интерес на ДУИ чија суштина јавноста многу бргу ќе ја разбере, изјави денеска претседателот на Демократското движење и вицепремиер во Владата Изет Меџити, по состанокот на лидерите и високи функционери на оваа коалиција.
„Вреди“ не го исклучила од коалицијата Таравари, туку тој, според Меџити, се самоисклучил. Вели дека оваа постапка на Таравари значи и проблем во Владата, но засега нема одговор дали ќе бараат негово разрешување од министерската функција во здравство.
Состанокот на коалицијата „Вреди“ се одржа откако Таравари објави дека тој и неговите сопартијци одлучиле на локалните избори во октомври да настапат со самостојни советнички листи.
Меџити на прес-конференција по состанокот на кој беа и лидерите на Беса, Биљал Касами, и на Алтернатива, Зеќирија Ибраими, кажа дека Таравари ќе мора да даде објаснување пред Албанците, но и пред гласачите на „Вреди“ за својата постапка. Според него, настапот на локалните избори на „Вреди“ веќе бил договорен, а одлуката на Таравари да оди со свои листи на изборите не се базира ниту на ставовите на партиската база ниту на мислењето на гласачите на Алијансата на Албанците ниту пак на независните анкети, туку е во интерес на ДУИ.
Меџити кажа дека коалицијата „Вреди“ денеска одлучила да настапи заеднички на локалните избори и со советнички листи и со кандидати за градоначалници, а во наредните денови ќе се формираат и заеднички изборни штабови за заеднички настап на претстојните избори.
Тој тврдеше дека Таравари веќе неколку месеци преговарал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со ввклученост на одредени личности од олигархијата. Според Меџити, целта била разединување на коалицијата и „враќање од клиничка смрт на Демократската унија за интеграција“. За зената на оваа операција ќе се дознаело многу брзо.
Според него, ова е реален проблем и за владата за што ќе се дискутира за неколку дена.
„Со соработката со ДУИ се изневерени 107-те илјади гласачи што гласаа за ‘Вреди’. Тоа во суштина се однесува дека проблемот се однесува и до владата бидејќи господинот Таравари сега веќе не знае кои ставови…дали против корупција или да ги брани тие корумпираните, дали е за промени или е за враќање на старото“, рече Меџити.
Арбен Таравари во емисијата на весникот „Лајм“ рече дека бил изненаден што не го поканиле на денешниот состанок.
„Самиот факт што Алијансата за Албанците не беше поканета на состанокот денеска е исклучителен. Би било добро барем да бидеме поканети, да бидеме таму и да ги кажеме нашите аргументи, кои исто така јавно ги кажавме“.
За Таравари немало ништо страшно ако во вториот круг на локалните биде во коалиција со ДУИ во трката за градоначалници.