Трик, или миц по миц до нова Преамбула

Мицкоски знае дека негов предлог за „хрватска преамбула“ нема да помине. Но сега има можност да тврди дека не е против промената на Уставот и внесувањето на Бугарите во него, ниту против продолжување на разговорите за членство во ЕУ


ВМРО-ДПМНЕ како да го подотвори прозорецот за промена на Уставот и за внесување на Бугарите во него.

Долго време Христијан Мицкоски изјавуваше дека неговата партија нема да дозволи промена на Уставот, бидејќи тоа никој не го ветил пред изборите, дека мнозинството во Собранието со прифаќање на преговарачката рамка презело обврска што не може да ја исполни и дека секој пратеник на ВМРО-ДПМНЕ има веќе потпишано ноторска изјава со која гарантира дека нема да има уставни промени додека не се промени преговарачката рамка за членство во ЕУ.

Потоа уште долго време изјавуваше дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи Бугарите да бидат внесени во Уставот под притисок на Бугарија, ако и Бугарија не се согласи да ги внесе Македонците во нејзиниот устав.

И на крајот тврдеше дека нема да случи промена на Уставот и внесување на Бугарите во Уставот сѐ додека ЕУ не гарантира дека нема да има нови уцени од Бугарија по тој чин во натамошниот тек на разговорите.

И додека сите очекуваа што ќе се случува во цајтнотот за промени на Уставот, Мицкоски се појави со нова идеја.

Сега тој не бара гаранции од ЕУ, нема ништо против да се промени Уставот и нема ништо против да бидат внесени Бугарите во него, ама бара тоа да се случи со промена на Преамбулата на Уставот, која ќе биде слична или речиси иста на онаа во хрватскиот устав, во која е јасно дека државата е национална  држава на хрватскиот народ и на сите други национални малцинства што живеат во неа.

Првата реакција на ваквиот предлог е негативна. Се објаснува дека ВМРО-ДПМНЕ предлага враќање назад во историјата и ја нуди преамбулата од првиот Устав во 1991 година, дека заборава дека имавме конфликт во 2001 година, по кој беше сменета прембулата по постигнувањето на еден вид „мировен договор“, дека дополнително беше избршан уште еден дел од неа по потпишувањето на Преспанскиот договор, и дека овој предлог на Мицкоски е даден со очекувања дека нема да биде прифатен и  само за подбрување на позицијата на ВМРО-ДПМНЕ пред избори.

СДСМ и ДУИ ја искористија приликата да го поздрават „променетиот став“ на ВМРО-ДПМНЕ за промена на Уставот и побараа партијата со својот предлог да се вклучи официјално во институционалната дебата за промена на Уставот преку предлагање на свој член во Комисијата за изработка на амандманите.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во име на ДУИ ијзави дека „со оваа  одлука (на Мицкоски) влегуваме во квалитативно нова фаза на овој процес. Од таа дали треба да има амандмани на Уставот во фаза како да изгледаат тие. Со ова се исполнети условите да се формира инклузивна комисија за уставни измени која ќе ги формулира амандманите“.

Но, тој истовремено, го имплицира и ставот на ДУИ кон предлогот на ВМРО-ДПМНЕ со зборовите:  „Убедени сме дека во еден таков инклузивен процес ќе се утврди дека со вклучување, а не преку исклучување на заедниците, нашата заедничка држава ќе биде посплотена, похармонична и поевропска“.

Многу поостри во одбивањето се новите владини партнери од Алијансата на Албаците кои во своето соопштение велат: „Решението што го нуди овој политички субјект во однос на преамбулата е апсолутно непознавање на реалноста или намерно отстапување за изборни ефекти“. И додаваат: „Времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија заврши еднаш засекогаш и нема враќање во такво време. Македонците се 54%, а Албанците 30% и заедно не го сочинуваат процентот на Хрвати во Хрватска, кои се над 90%. Поставувањето на Албанците во нивниот предлог како национално малцинство уште еднаш покажува дека нивниот менталитет е вратен со децении наназад и тоа е за жалење“.

За разлика од Алијансата, сега веќе опозициската Алтернатива вели дека и за неа „предлогот на македонската опозициска партија е ретрограден и како таков неприфатлив“, но истовремено потсетува на своите предлози за промена на Уставот од порано, па вели:  „Гледајќи дека Северна Македонија има едно поголемо мнозинство (етничките Македонци – 54%), второ мнозинство (Албанците 30%) и група на малцинства (6-7%), нашиот предлог е Северна Македонија да се дефинира како ‘држава на македонската нација, албанската нација и другите етнички заедници’“. За да биде креативна во оваа тема, Алтернатива, има и друг предлог, тоа е Македонија да се дефинира во својата преамбула како „држава на нејзините граѓани“, остранувајќи ги сите етнички атрибути од градењето на државата.

Врз основа на сите овие изјави, политички аналитичари констатираат дека ВМРО-ДПМНЕ конечно зазема позиција која ќе ѝ оневоможи да прави влада со која било партија на етничките Албанци и дека дури и да победи на изборите, кога и да бидат тие, таа може да остане во опозиција.

Преамбула каква што сега нуди Мицкоски, имаше македонскиот устав од 1991 година, кога за него не гласаа Албанците во Собранието, и таа беше променета по воениот конфликт во 2001 година врз основа на Охридскиот рамковен договор, кој беше еден вид мировен договор меѓу Албанците и Македонците во Македонија, гарантиран од САД и од ЕУ дека ќе се спроведува.

За новата преамбула долго се дебатираше во Собранието и се бараше решение со кое нема да се доведе во прашање унитарниот карактер на државата, на што се инсистираше со членот 2 од Охридскиот рамковен договор, ќе се задоволи принципот на еднаквост на македонскиот народ со деловите од другите народи што живеат во Македонија (без да се наречат малцинства), но и ќе потсети дека македонската држава има свои историски корени од времето на Илинденското востание преку АСНОМ и првиот Устав кога била конституирана и како национална држава на македонскиот народ.

Сето тоа е внесено во сегашната Преамбула на Уставот, и во неа е јасна  разликата меѓу македонскиот народ и деловите од другите народи (кои се наведуваат), како учесници во заедничката историска битка за создавање на македонската држава, од каде и произлегуваат еднаквите прва за припадниците на сите етнички заедници, независно од тоа дали тие се делови од другите народи или „национални малцинства“, како што сака да ги означи Мицковски.

Суштествените промени во положбата на другите етнички заедници во Македонија, не беше направена со промената на Преамбулата, која има само декларативен карактер, туку со уставните промени со кои мноизинската демократија беше заменета со конзенсуална, и со која се спречува надгласувањето за културните и идентитетски прашања, доминацијата на мнозинската заедница врз немнозинските,  и со која се обезбедува целосна рамноправност на секоја од етничките заедници во Македонија или нивните колективни права. Со тие суштествени промени на Уставот се обезбедија јазичните права на заедниците, еднаква застапеност во институциите на власта, во јавната администрација, во војската, во полицијата и се обезбеди широка автономија на локалната самоупрва врз основа на ново територијално разграничување на општините.

Во оваа смисла, тврдењето на Мицкоски дека нема да им пречи внесувањето на Бугарите во Уставот, само ако тие бидат означени, заедно со деловите од другите народи што живеат во Македонија, како малцинство (според моделот на хрватскиот Устав,) а Република Македонија како „национална држава на македонскиот народ“ е не само збунувачко туку и несериозно. Без промена на нормативниот дел од Уставот тоа ништо не би значело. И сосема сигурно, и нему и на уставните експерти околу него тоа им е јасно.

Сосема друга е приказната ако тој мисли дека со таква промена на Преамбулата ќе создаде и клима или основа за промена на нормативниот дел од  Уставот и враќање на моделот на мнозинската демократија.

Никој со сигурност не може да знае, што се крие зад овој трик на Мицковски, и дали тој во својот „патриотски занес“ сфатил дека не е добро за него и за партијата да се противат на промена на Уставот, дека не е добро да велат дека покрај сите други само Бугарите не треба да се внесат во него и дека не е продуктивно да се бараат некакви гаранции од ЕУ за напредок во преговорите, кои таа не може да ги даде. Никој не знае кој би можел да му ја поттури оваа во основа бескорисна идеја, која преведена на обичен јазик значи: Ние сме за поништување на Охридскиот договор,  бидејќи со него „се загрозува унитарноста на македонската држава“, а истовремено сме и против договорот со Бугарија и договорот со Грција.

Овој предлог на Мицкоски за поништување на мировниот договор со Албанците е пласиран со леснотија и очекувања дека нема да биде прифатен, но со цел да се повтори мантрата на македонскиот национализам за загрозеност на Македонците и на Македонија од другите народи и соседи. Тоа е мантра која ја демонстрара несигурноста на Македонецот во својот идентитет, мантра која повторува дека ќе бидиме бугаризирани, албанизирани, федерализирани, асимилирани, поделени, уништени и дека ќе исчезнеме како Македонци, заедно со нашата држава, ако не ги поништиме штетните договори како Охридскиот, Договорот со Бугарија и Преспанскиот.

Мицкоски знае дека овој негов предлог нема да помине. Но сега има можност да тврди дека тој не е против промената на Уставот и внесувањето на Бугарите во него, ниту против продолжување на разговорите за членство во ЕУ, ако со промена на Преамбулата според моделот на хрватскиот устав се добијат „гаранции“ дека Македонија ќе биде национална држава на Македонците и држава на сите малцинства што живеат во неа.

Сетоа тоа по малку личи на трик со кој Мицкоски знае дека ништо не добива, но може да го користи во вид на нова уцена во стилот: „Повеќе ја сакате сегашната Преамбула или со старата да продолжат разговорите со ЕУ“.

Неговиот нов патриотски слоган гласи: „Направете чекор назад со Преамбулата за да напрвите два чекори напред кон ЕУ“.

И чудно е што луѓе од неговот окружување, на кои им е јасно дека Преамбулата е само декларација и дека со каква било преамбула, без промена во нормативниот дел од Уставот ништо не се менува во правата на сите етнички заедници, не го советуваат дека таа битка е бесмислена.

Кога во земјава би имале поголема смисла за хумор и кога би биле малку повеќе политички реалаксирани, партиите од парламентарното мнозинство би му рекле на Мицкоски дека се прифаќа неговата уцена заради остварување на повисоката цел, и би му нагласиле дека ниту една преамбула на Уставот не е непроменлива, па на патот кон ЕУ веројатно многу бргу ќе биде вратена сегашната Преамбула, зад која како гарантори стојат САД и ЕУ.  А можеби попаметниот не треба да попушта, бидејќи  во тој момент Мицкоски може да добие нова идеја  како успешно да нѐ одбрани од бугаризација, албанизација и федерализација и асимилација.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор и поранешен амбасадор)