Триаголник


ЛЕЈЛА САБИТ

На секој барем еднаш му се случил во животот и во кариерата.

Бермудски, брачен или политички триаголник.

Ги следи мистерија, трач и необјаснет феномен.

Колку поголема интимна драма, толку поголем сеир во јавноста.

Колку повеќе славни фаци, толку подолга сапуница.

Трагите можат да исчезнат, бродовите да потонат, парите да завршат во офшор банки, да се случи развод, да падне оставка, или (не)разјаснето политичко (само)убиство.

Во триаголникот нема победници или губитници, сите се на свој начин жртви.

Чудно, не е круг, а се се врти околу триаголникот.

Тој, таа (тие) и јавноста.

Животот е како море.

Се се гледа на површината, ама не знаеш што те чека во длабочината.

Ништо не е како што изгледа.

И во бракот, и во кариерата и во политиката.

Тајните остануваат длабоко закопани или се дознаваат од прислушувани разговори.

Уште не е разјаснет Бермудскиот триаголник.

Дали е стварност или мит.

Брачните триаголници ќе постојат додека едната страна трпи, а на другата и поминуваат годините.

А политиката?

Кај што има пари и моќ, ќе има и лесни жени!