Три ретко видени птици кај нас нѐ посетиле годинава: Запознајте ги!


Во набљудувањето на птици, секое неочекувано откритие носи посебна радост – особено кога станува збор за редок вид… а ние оваа година забележавме најмалку три такви! – објавија од Македонското еколошко друштво. 
 
Запознајте ги ситкарчето (Cisticola juncidis), цуцулестата кукавица (Clamator glandarius) и средниот северен нуркач (Mergus serrator) – три интересни и ретко забележувани видови во нашата земја, кои ни ја подарија честа да ги забележиме низ двоглед и да ги овековечиме низ фотографскиот објектив.
А, за тоа колку ретко се гледаат кај нас, можете да проверите на Европскиот портал за птици на European Bird Census Council – централизирана платформа на која во тукуречи реално време можете да ја следите неделната распространетост на речиси 600 видови птици на европскиот континент: https://www.eurobirdportal.org
 
Европскиот портал за птици ги вклучува и податоците од нашата национална платформа Ptici.mk, која ги обединува напорите на македонските набљудувачи на птици.
Доколку ви звучи интересно, и вие можете да станете дел од оваа приказна! Споделувајте ги вашите набљудувања, придонесувајте кон подобро запознавање и заштита на птиците и станете дел од растечката глобална заедница на набљудувачи на птици.
Приклучете се!

Оваа иницијатива е дел од проектот „Зајакнување на Европскиот портал за птици“ (LIFE22-PLP-ES-EBP-reinforcement/101104367), кој се спроведува со финансиска поддршка од Програмата LIFE на Европската Унија.