Принцезата Шарлин од Монако би можела да стане регент по изненадувачката најава за промена на кралските правила


Монако – Принцот Алберт од Монако најави изненадувачка промена која би ѝ овозможила на неговата сопруга, принцезата Шарлин, да дејствува како регент.

На 19 ноември, на Националниот ден на Монако, суверениот принц објави дека ги менува правилата за наследување на престолот. 68-годишниот принц Алберт изјави дека принцезата Шарлен (48) ќе стане регент доколку тој не биде во можност да владее, а нивниот син сè уште е малолетен. Неа ќе ѝ помага Регентски совет.

 

Кралската двојка има 11-годишни близнаци, принцот Жак и принцезата Габриела, при што Жак е прв во редот за престолот. Според Уставот на Монако, наследникот на престолот мора да има најмалку 18 години за да може да ги врши суверените овластувања, а Жак ќе ја достигне таа возраст во декември 2032 година.

Во соопштението, објавено во весникот „Монако-Матен“ (Monaco-Matin), принцот Алберт нагласи дека „нема никаква итност, ниту пак причина за загриженост“.

„Наскоро ќе наполнам 69 години, а принцот Жак е сè уште млад. Едноставно сакам однапред да планирам, со спокојство и транспарентност“, рече Алберт.

Промената ќе биде финализирана до крајот на годината.

Принцот Алберт, син на американската актерка која стана принцеза – принцезата Грејс (порано Грејс Кели) – се ожени со Шарлин Витсток, јужноафриканска пливачка и олимпијка, во 2011 година.

Принцот Алберт има и две постари деца – 34-годишната ќерка Џазмин Грималди, од неговата кратка врска со Американката Тамара Ротоло, и 23-годишниот син Александар Грималди-Кост, од врската со Никол Кост (која го запознала принцот додека работела како стјуардеса во 1997 година) – но тие не се во редот за наследување на престолот.

„Во најопшти црти, Жак е малку поповлечен и потивок, но знае да каже и навистина смешни работи“, изјави принцот Алберт ексклузивно за магазинот „People“ во 2021 година, кога близнаците имаа 6 години. „Тој е одличен набљудувач и сака прво да ја процени ситуацијата. А потоа – презема акција.“

Од друга страна, принцезата Габриела е „малку поотворена и дефинитивно има дарба за зборување“.

„Таа е вистински лик што обожава да танцува и да пее. Воопшто нема трема кога е пред луѓе“, рече тој.