Три партиски вработувања во М-НАВ, открива „Сдк“


Фото: Б. Грданоски

 

Загриженостите на синдикатот на Македонска навигација (М-НАВ), дека се подготвуваат партиски вработувања биле оправдани. Порталот „Сдк“ објавува сторија дека на спорниот оглас примени се: Ивана Југ – сопруга на починатиот Игор Југ, еден од осудените за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, Атанас Стамнов – сопругот на директорката на Централен регистар на Македонија Анита Стамнова, како и потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Филип Ѓорѓиев. Контролорите на летање се заканија дека поради спорниот оглас ќе штрајкуваат на 10 јули, но тоа не се случи.

„Сдк“ пишува дека Ѓорѓиев е примен на работното место „студент ВИ“, додека Југ и Стамнов се примени на работното место „помошник за развој и инвестиции и набавки“.

Дел од овој оглас се реобјавил, за три места (две со средно и едно место „советник“, со високо образование).

Неофицијалните информации се дека другите кандидати ја немале потребната документација, односно не исполнувале услови, па затоа вчера е распишан, реобјавен дел од огласот од 9 јули, само за тие места кои за малку ќе им ги зеле други кандидати без партиски врски. Еден од кандидатите бил одбиен оти не знаел англиски јазик.

Според медиумот, во втората фаза интервјуирањето на кандидатите го вршеле ексклузивно само тројцата директори (Владимир Ристески, Климент Чепуњоски и Фатмир Зибери), без сведоци. Според постигнатиот договор на менаџментот на М-НАВ, односно Владата, и Синдикатот на контролори на летање за да се спречи штрајкот и затворањето на небото за летови над Македонија, при интервјуа со кандидати за вработување на кое било место во ова државно претпријатие, задолжително требало да присуствуваат претставници од Синдикатот.

Закажаниот штрајк на контролорите на летање на 10 јули беше спречен, затоа што Владата гарантираше дека ќе им ги исполни сите барања изнесени преку Синдикатот. Требаше да престанат партиските вработувања, да се добие одобрување од Министерството за финансии за оглас за најмалку 6 контролори на летање, зашто фалат исто како што фалат и метеоролози, инжeнери и други суштински професии.

По ова откритие реагираше СДСМ, кој во соопштение рече дека „ВМРО-ДПМНЕ ја претвора М-НАВ во партиска филијала“.

Партијата во соопштението додава: „М-НАВ не е партиска играчка. Таму се работи за безбедноста на луѓето во авиосообраќајот, за контрола на воздушниот сообраќај, за сериозни задачи кои бараат врвен професионализам и стручност. Со своите одлуки, ВМРО-ДПМНЕ директно ја загрозува безбедноста на граѓаните и ја урнисува довербата во една од најважните институции.

СДСМ бара итно поништување на спорниот оглас, враќање на професионалните критериуми и оставка од сите кои го овозможија овој срам“.