Три обвинителски предмети и еден судски процес за незаконско работење во битолската болница


 

БИТОЛА – Три обвинителски истраги и еден судски просец се отворени за незаконско работење во битолската клиничка болница за последните неколку години. Предметите што ги отвори Основното јавно обвинителство се темелат главно на ревизорите, па од таму  велат дека постапуваат по сите доставени ревизорски извештаи, при што дел од нив се нови предмети, а дел се приклучуваат кон веќе постоечки предмети влезени во судот. Предметите опфаќаа најмалку три раководства на болницата, кои биле на функција од 2017 наваму.

Од ОЈО во Битола за „Независен“ велат дека последниот извештај на Државниот завод за ревизија, објавен на почетокот на месецот е разгледан и констатирано е дека дел од наводите се опфатени во предмет веќе отворен од ОЈО  врз основа на извештај на Фондот за здравствено осигурување во врска со исплаќањето на дежурства за немедицински персонал во Клиничката болница Битола. Фондот за здравствено осигурување во извршената контрола констатирал дека има пропусти и незаконитости во однос на исплаќањето на дежурства и доставил известување до ОЈО.

„Оформен е предмет. По овој предмет се постапува и тој ќе биде дополнително поткрепен со наодите од објавениот ревизорски извештај, затоа што наводите на една и друга институција се поклопуваат. За останатиот дел од наводите во ревизорскиот извештај, пак, ОЈО Битола оформи уште еден предмет за кој дополнително, врз основа на направените проверки, ќе се одлучува дали ќе се води посебно или ќе биде споен со претходниот предмет. Значи дополнително ќе се знае дали ќе има целосно нов предмет“, велат од службата за односи со јавноста на ОЈО Битола.

За менаџирањето со битолската болница постои и трет предмет кој веќе е во судска постапка кој што се однесува на реализирани службени патувања и поделени дневници. Но овој процес не се базира на ревизорскиот извештај зашто е започнат пред тоа. Сепак од ОЈО напоменуваат дека праксата да се вршат незаконски исплати за службени патувања и дневници продолжил и понатаму по 2021 година и тоа сега  го констатира ревизорскиот извештај.

„Во однос на исплатата на службени патувања и дневници во Клиничката болница Битола за периодот од 2018-2021 година, Основното јавно обвинителство Битола претходно има поднесено обвинение против две лица (раководител – директор за економско финансиски работи и главна медицинска сестра) за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување и тој предмет е во фаза на судење“, потврдуваат од прес службата на ОЈО.

Директорката на Клиничката болница Битола, д-р Елизабета Ивановска за „Независен“ рече дека со нејзиното стапување на функција во април година, ги ревидирала сите постапки и пракса на работа на претходните раководства на болницата особено по укажувањата на извештајот на Фондот за здравство. Според д-р Ивановска засега освен ревизорите во Болницата не дошле истражители за дополнителни истражни дејствија посочени од ревизорите.

Ревизорите утврдија дека во болницата на вработени и покрај тоа што не оствариле полно работно време им се исплаќани редовни плати и надоместок за дежурство, за што од касата на болницата се одлеале милиони денари. За дежурствата не е консултирано Министерството за здравство, а вработени оствариле прекувремена работа над дозволениот максимум од 190 часови. За дежурства се плаќало и на немедицински кадар. Наспроти ова ревизорите констатирале дека задолжителните здравствени услуги се недостапни за граѓаните.