Три нови услуги на порталот uslugi.gov.mk. со кои се заокружува пакетот услуги за високото образование


Образец за дипломирани студенти на додипломски студии на факултетите и високите стручни школи,образец за лица што стекнале назив магистер/специјалист и образец за лица доктори на науки што одбраниле докторски труд – се трите нови електронски услуги достапни на националниот портал е-услуги – uslugi.gov.mk (линк https://uslugi.gov.mk/ ).

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на промоцијата заедно со директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков, по повод пуштањето во функција на новите електронски услуги, рече дека со овие три услуги целосно се затвора пакетот услуги за високото образование.

– Со ова се олеснува начинот на запишување и студирање на сите три циклуси на студии на факултетите. Наша задача е да ја обезбедиме платформата, а институциите како ДЗС покажуваат колку таа може да биде корисна – изјави Андоновски.

Со новата услуга, времето на пополнување од 10 минути за студентите, Андоновски рече дека се намалува на минута до две, со оглед дека сега откога ќе се отвори образецот, веќе е предпополнет со податоци што се достапни во базите на податоци.

Андоновски нагласи дека порталот за електронски услуги веќе е стабилизиран на бројка од 10 илјади услуги, кои се даваат на граѓаните на месечно ниво, што е раст од 10 пати, ако се знае дека почнавме со бројка од 1.400 услуги.

Директорот на Државниот завод за статистика, Станков, на промоцијата рече дека трите нови услуги од областа на високото образование се пуштени во употреба веќе од 1 април и достапни на електронскиот портал за е-услуги.

– Со нивното воведување се овозможува побрзо, поефикасно и поедноставно пополнување и доставување на потребните информации, без административни бариери и со значително заштедено време. На овој начин и Државниот завод за статистика многу побргу прибира податоци – изјави Станков.

Тој најави дека многу бргу ќе бидат достапни и нови услуги, како што е бројот на новозапишани студени.

Услугите, како што беше посочено, имаат цел да го поедностават и да го дигитализираат процесот на доставување статистички податоци за завршени нивоа на високо образование.