„Три“ ја објави „Negotiation in identity conflicts“ на Љубомир Данаилов Фрчкоски

Издавачкиот центар ТРИ го објави најновото дело на професорот Љубомир Данаилов Фрчкоски на англиски јазик, „Negotiation in identity conflicts“ („Преговори во конфликти на идентитети“).
Станува збор за длабоко аналитичко, а едновремено и практично дело кое ги истражува механизмите на медијација на најсложените конфликти, од кои произлегуваат и идентитетските разлики.
Благодарение на долгогодишното искуство и посветеноста, Љубомир Данаилов Фрчкоски, еден од најистакнатите македонски интелектуалци, професор по меѓународно право и човекови права, создаде книга што претставува значаен придонес за внесување практични вештини во клучниот превентивен процес. Во време во кое секое парче земја е под закана, Фрчкоски шири дипломатија за градење мир, превенција на конфликти и одвраќање од злосторства против човештвото.
Поактуелна од кога било, „Преговарање во конфликти на идентитети“ послужи како основа за развој на Насоки на ОН за политики за промовирање дијалог и медијација за спречување на геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото (Прирачник со препораки како да се конструираат и обучуваат медијатори за дијалог во преговарачки процес), поддржан од Алис Ваириму Ндериту, помошник-генерален секретар и специјална советничка за спречување геноцид при UNOSPGA во Њујорк, во 2023 година.
Авторот во оваа книга нуди уникатна перспектива за тоа како медијаторите можат да ги интегрираат глобалните стандарди во локалните културни практики создавајќи мостови меѓу спротивставените страни. Ова дело е негов најнов придонес во преговарањето и политичката теорија, од кое се очекува ново позитивно влијание не само во нашата земја туку и пошироко.