Три години од смртта на Марадона – скапоцен, храбар, необичен, легендарен
Марадона беше несреќникот, кој дебитираше за репрезентацијата на 16-годишна возраст, но со 17 години не беше вклучен во националниот тим на Светското првенство 1978, на кое Аргентинците станаа шампиони.
Тој беше умешниот, кој тешко се сопираше на теренот и врз кого беа направени 23 прекршоци на еден натпревар – Италијанците, идните шампиони, само така можеа да го сопрат на Светското првенство 1982.
Беше скапоцениот, кој два пати ги направи најскапите трансфери во светот – неговиот трансфер во Барселона во 1982 година и во Наполи во 1984 година беа за рекордни суми во тоа време.
Диего беше храбриот кој се осмели да се пресели од Барселона, вториот тим на УЕФА ранг – листата, во 83. рангираниот Наполи – за потоа со клубот од Неапол двапати да ја освои шампионската титула во Серија А, како и Купот на УЕФА во 1989 година.
Тој беше совршениот, кој изведе 90 дриблинзи и на својот тим му донесе 53 слободни удари на едно Светско првенство – Мундијалот 1986 беше во негов знак.
Го доби и епитетот талентираниот, кој три пати асистираше на натпревар од Светското првенство – благодарение на неговите прецизни додавања Аргентина ја победи Јужна Кореја на отворањето на Мундијалот 1986.
Тој беше оној необичниот, кој истовремено беше и сакан и омразен – дали Англичаните можат да го симпатизираат тој што им постигна гол со „Божја рака“ на Светското првенство во 1986 година?
Заслужено го нарекуваа и волшебникот, кој го постигна „Голот на векот“ – тргнувајќи од својата половина, со 11 допири на топката претрча повеќе од половина од теренот, минувајќи покрај пет противнички играчи и голманот, пред да ја смести топката во мрежата против Англија на Светското првенство 1986.
Тој беше генијалецот, кој му помогна на својот тим да стане светски шампион, иако не беше меѓу главните фаворити – во пресрет на Светско првенство во 1986 година Аргентина победи на само еден од седум натпревари.
Марадона беше талентираниот, кој не беше класичен напаѓач, а успеа да стане најдобар стрелец во Серија А – постигна 15 голови во италијанското првенство во сезоната 1987/88.
Исто така, беше еден од нас, кој почувствува и горчина на порази од 1:5, па дури и 0:5, и покрај сите негови извонредни способности – не можеше да ги спречи високите порази на Наполи од Вердер Бремен во 1989 година и на Севиља од Реал Мадрид во 1993 година.
Тој беше неодговорен, двапати санкциониран за допинг – првиот пат во сезоната 1991/1992 а потоа во 1994/1995 година, и му беше изречена забрана да игра фудбал повеќе од една година.
А, воедно, беше и легендарен, избиран на различни гласања за најдобар фудбалер на 20. век и на сите времиња …
Животот продолжува.
А и рекордите се менуваат.
Во 2017 година го напушти врвот на листата како најдобар стрелец во историјата на Наполи со 115 гола – најпрво рекордот му беше преземен од Словакот Марек Хамшик, а потоа и двајцата беа претекнати од Белгиецот Дрис Мертенс и Италијанецот Лоренцо Инсиње.
Во 2018 година, неговиот рекорд како капитен на светските првенства беше соборен – Мексиканецот Рафаел Маркез ја предводеше својата репрезентација со капитенската лента на 17 мундијалски натпревари, еден натпревар повеќе од него. Конечно се појави нов рекордер во 2022 година – Лионел Меси дојде до бројката од 19 капитенски настапи за Аргентина на светските првенства.
Во 2020 година Марадона го загуби животот … Но неговата слава и популарност се вечни … Тој беше некој кој со своето однесување успеваше секогаш да биде во центарот на вниманието …
Тој беше само Диего Армандо Марадона!
(Расим Мовс е член на меѓународни жирија за доделување престижни фудбалски награди и меѓународен новинар, чиј статии редовно се објавуваат во различни земји, вклучувајќи и во познатиот германски магазин „Кикер“)