Трговски синџири нелегално се договарале за усогласено делување, тврди Комисијата за заштита на конкуренцијата


Комисијата за заштита на конкуренцијата, преку соопштение до медиумите тврди дека неколку синџири на маркети нелегално се договарале за усогласено делување спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата. Од КЗК попладнево известија дека ова било констатирано по направена ненадејна контрола кај правните лица, како и дека била поведена прекршочна постапка.

Во продолжение целото соопштение:

Комисијата за заштита на конкуренцијата во рамките на своите надлежности
пропишани во Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на
нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и
прехранбени производи изврши ненајавен увид во четири трговски ланци и во
една од стопанските комори во која се здружени истите.

Увидот е извршен поради постоење на сомневање дека неколку ланци на
маркети кои вршат трговија на мало со прехрамбени и непрехрамбени
производи го прекршиле член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата, кој
забранува картели односно забранува договори и усогласено однесување на
две или повеќе претпријатија, а се со цел нарушување на конкуренцијата.

При контролата во службените простории на правните лица, извршен е увид
во службената документација и направен е и увид во средствата за електронска
комуникација при што се пронајдени докази дека истите донеле незаконита
одлука која и јавно ја објавиле преку средствата за јавно информирање.

Контролираните субјекти спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата
донеле забранета одлука односно се договориле дека ќе делуваат усогласено и
нема да набавуваат стоки од добавувачи кои ќе достават нови ценовници за
нивните производи, поради што е поведена прекршочна постапка.

Комисијата за заштита на конкуренцијата интензивно врши контроли кај
повеќе правни субјекти кои имаат свој удел во синџирот на снабдување со
земјоделски и прехрамбени производи и ќе превземе најригорозни мерки и
санкции на секое нарушување на конкуренцијата на пазарот и нема да дозволи
никакво изигрување на законите на штета на граѓаните