„Тргни, назад, лево, десно, стој“ се првите команди што ги послушал еден робот

Станува збор за првите команди изговорени на македонски јазик што ги „послушал“ еден робот, кој се движел по претходно нацртана патека на подот на Факултетот за електротехника во Скопје, во 1988 година. За ова достигнување заслужни се Стево Божиновски, Михаил Шестаков и Лилјана Божиновска


(Фото: Борис Грданоски)

„Тргни, назад, лево, десно, стој“, се првите команди изговорени на македонски јазик што ги „послушал“ еден робот, кој се движел по претходно нацртана патека на подот на Факултетот за електротехника во Скопје, во 1988 година. Роботот бил Elehobby Line Tracer, купен на пазарот Акихабара во Токио, Јапонија, во 1984 година.

По тој повод, денеска во аулата на факултетот ФЕИТ во Скопје, беше свечено откриена плоча на која пишува:

„Прва роботска контрола од човечки мозочни сигнали, 1988 година – „Во 1988 година, во Лабораторијата за интелигентни машини и биоинформациски системи, сигналите на човечкиот мозок го контролираа движењето на физички објект (робот) за прв пат во светот. Овој поврзан електроенцефалограм (ЕЕГ), сигнали собрани од мозокот со истражување на роботиката, отворајќи нов канал за комуникација помеѓу луѓето и машините. Уредите контролирани со ЕЕГ (инвалидски колички, егзоскелети итн.) имаат корист бројни корисници и ја проширија улогата на технологијата во современото општество“.

(Фото: Борис Грданоски)

За ова достигнување заслужни се професорот Стево Божиновски и Михаил Шестаков од Електротехничкиот факултет, заедно со Лилјана Божиновска од Институтот за физиологија од Медицинскиот факултет во Скопје.

Тројцата, денеска присуствуваа на откривањето на плочата, а бидејќи инсистирале тоа да се случи токму тука во Скопје, пристигнале од САД односно од Австралија, каде во моментот, работат.

(Фото: Борис Грданоски)

Во својот говор, професорот Божиновски, кој работи на Универзитетот во Јужна Каролина, САД, ги објасни чекорите кои му претходеле на достигнувањето, како и она што следувало потоа.

Повикувајќи се на зборовите на Гоце Делчев, дека светот го разбира како поле за културен натпревар на народите, Божиновски вели дека „можеме да видиме дека македонската нација го почитувала овој поглед, во областа на компјутерските науки, каде што успешно културно се натпреварувала со другите народи и придонела за науката, за доброто на човештвото“.

ИЕЕЕ – Институт на електро и електротехнички инженери ја постави плочата за значајно дело на македонската наука, а на церемонијата присуствуваше со висока делегација, меѓу кои и претседателот на ИЕЕЕ, Сајфур Рахман, потпретседателот, регионалниот директор.

(Фото: Борис Грданоски)

Порачаа дека треба да сме горди на ваквото достигнување, каде му се дава значење на едно големо достигнување.

„Овде треба да ги донесете учениците, да ја видат оваа плоча и да сфатат дека токму на овој факултет робот првпат се движел управуван со мозочни сигнали. Науката оди напред, се развива, а за тоа ни требаат повеќе инженери. Особено женски инженери“, рече Рахман.

Плочата ја откри претседателот на државата, Стево Пендаровски кој во својот говор истакна дека секогаш ќе го поддржува развојот на науката.

(Фото: Борис Грданоски)

„Инженерите се движечката сила во секоја држава, тие придонесуваат за благосостојбата и напредокот на општествата. Нашата земја не може да биде исклучок од овие глобални трендови кои го диктираат развојот на националните економии, но, за тоа е потребно соодветно вреднување и поголема поддршка на инженерските струки и нивна популаризација меѓу младите“, рече Пендаровски.

„Токму на ова место, на овој факултет, пред 35 години се формираше врската меѓу две претходно далечни области (т.е. роботиката и ЕЕГ сигналите). Ова извонредно дело покажа дека научната фантастика може да стане реалност и да ја зголеми улогата на технологијата во модерното живеење. Практично, ова дело отвори комплетно нова област во науката, контрола на уреди со помош на EEG сигнали“, рече деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, професор д-р Владимир Атанасовски.

(Фото: Борис Грданоски)

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова рeче дека „сите сме одговорни за развивање на иновативни процеси за трансфер на знаења и технологии во општеството. Интеграцијата помеѓу универзитетите, индустријата и другите релевантни институции треба да биде поддржана од нашето општество, бидејќи едукацијата значи постојано унапредување на социјалниот, професионалниот и економскиот развој, односно изнаоѓање идејни решенија за надминување на разликите помеѓу светот“.

IEEE (Institute of Electrical and Electronics Engineers) е најголемата светска професионална организација од областа на инженерството, компјутерските науки и сродните дисциплини.